Почетна » Здравје » Заболувања » Д-р Марија Илијовска: „ХАШИМОТО тироидитот може да е главна причина за хроничен замор и недостиг на енергија”

Д-р Марија Илијовска: „ХАШИМОТО тироидитот може да е главна причина за хроничен замор и недостиг на енергија”

Најчеста причина за хипотироидизам во земји кои не се јододефицитарни е Хашимото тироидитот. Во светски рамки, ова заболување има висока глобална инциденца. Се проценува дека речиси 1 на 1.000 мажи и 3,5 на 1.000 жени во текот на својот живот ќе развијат Хашимото тироидитис.

Што претставува ХАШИМОТО тироидит?

Хашимото тироидитот е хронично автоимуно заболување на тироидната жлезда, кое е резултат на создадени спeцифични антитела од сопствениот имун систем кои вршат деструкција, односно оштетување, на тироидните клетки.

Главната функција на имуниот систем е да го заштитува нашиот организам од надворешните штетни влијанија, при што создава специфични антитела. Во одредени ситуации, имуниот систем се „збунува“ и наместо да нѐ заштитува, тој почнува да создава антитела, кои се насочуваат кон здравото ткиво на одреден орган и вршат негова деструкција, предизвикувајќи автоимуно заболување.

Во случајот на Хашимото тироидитот, антителата се насочуваат кон здравите тироидни клетки и вршат нивно уништување.

Хашимото тироидит

Кои се типични симптоми и знаци?

Рани симптоми и знаци се замор, малаксаност, покачена телесна тежина, сува кожа...
Д-р Илијовска

Хашимото тироидитот кај најголем дел од пациентите има бавен и суптилен почеток, односно се развива подолг временски период. На почетокот, во првата фаза, тироидната жлезда успева да го одржи нормалното ниво на тироидните хормони и покрај деструкцијата на клетките. Се разбира, со тек на времето, како што напредува автоимуното оштетување, тоа станува сѐ потешко.

Во почетната фаза, симптомите и знаците најчесто се дискретни и неспецифични, па поради тоа во овој период од заболувањето, пациентите ретко консултираат ендокринолог и состојбата останува недијагностицирана.

Рани симптоми и знаци кои може да укажуваат на Хашимото тироидит се:

  • Замор;
  • Малаксаност;
  • Чувство на исцрпеност;
  • Недостиг на енергија;
  • Сува кожа;
  • Покачување на телесната тежина;
  • Кршливи нокти;
  • Сува и кршлива коса.
Хашимото тироидит

Како што напредува болеста, автоимуното воспаление континуирано и „тивко“ го уништува тироидното ткиво. Во момент кога значајно ќе биде компромитирана (нарушена) функцијата на тироидната жлезда, кај пациентот, покрај интензивирање на претходно споменатите симптоми, може да се јави и:

  • Опаѓање на косата;
  • Нарушување на меморијата;
  • Oтежната концентрација;
  • Зарипнат глас;
  • Отежнато голтање;
  • Нарушувања на менструалниот циклус кај жени и импотенција кај мажи;
  • Намалување на либидото;
  • Галактореа (Млечен исцедок од градите);
  • Иритабилност;
  • Депресија;
  • Интолеранција на ладно;
  • Болки во мускулите и зглобовите;
  • Мускулни грчеви;
  • Отоци на рацете и нозете;
  • Отоци околу очите.

Во исклучително ретки случаи, може да се манифестираат и симптоми на хипертироидизам, односно зголемено ниво на тироидни хормони во крвта. Тоа се јавува како резултат на имуниот напад на тироидното ткиво, кој може да биде толку интензивен, што да предизвика нагло ослободување на поголема количина тироидни хормони. Тоа доведува до типични симптоми на хипертироидизам како срцебиење, препотување, течни столици, губење на телесна тежина. Овие симптоми траат одредено време, по што состојбата преминува во хипотироидизам и се јавува претходно споменатата клиничка слика.

Кои се ризик фактори за развој на Хашимото тироидит?

Ризикот е зголемен ако близок член од вашето семејството е дијагностициран со Хашимото тироидит.
Д-р Илијовска

Постојат повеќе ризик фактори за Хашимото тироидит, но најголем дел од студиите укажуваат дека примарно влијание има генетскиот фактор. Тоа значи дека доколку имате позитивна фамилијарна анамнеза, односно некој близок член од вашето семејството е дијагностициран со Хашимото тироидит или со друго автоимуно заболување, имате зголемен ризик во текот на животот да се соочите со оваа состојба.

Лицата кај кои е веќе дијагностицирано одредено автоимуно заболување како ревматоиден артритис, системски лупус, тип 1 дијабетес мелитус, витилиго, секако се склони кон развој и на други автоимуни заболувања, вклучително и Хашимото тироидитот.

Полот исто така игра значајна улога. Жените во споредба со мажите се 10 пати повеќе афектирани од овој здравствен проблем, особено помеѓу 30-тата до 50-тата година од животот, иако во нашата клиничка пракса, секојдневно сѐ повеќе среќаваме пациенти со Хашимото тироидитот и кај помладата популација. Факторите на околината, како одредени лекови, инфекции и изложеност на ирадијација, исто така може да придонесат во појавата на Хашимотот тироидитот.

Како се дијагностицира ХАШИМОТО тироидит?

Лабораториските испитувања на тироидните хормони и ултразвучниот преглед на тироидната жлезда се клучни за поставување на дијагнозата и одредување на стадиумот на заболувањето. Секако, за дефинитивна дијагноза дополнително е неопходна анализа за детекција на ТПО антитела, кои доколку се позитивни, укажуваат на активно автоимуно тироидно заболување.

Кај дел од пациентите, позитивните ТПО антитела може да перзистираат со месеци или години пред да се појави хормонски дисбалас и клиничка слика за хипотироидизам. Затоа, потребни се редовни периодични контроли, со цел навремено детектирање на намаленото ниво на тироидни хормони и воведување соодветна терапија.

Д-р Марија ИлијовскаД-р Марија Илијовска, специјалист по ендокринологија во „Њуборн Клиника“

Како се третира Хашимото тироидитот?

Терапијата треба адекватно да се дозира, со цел постигнување на еутироидна состојба.
Д-р Илијовска

Каков ќе биде третманот, ќе зависи од степенот на деструкција на тироидното ткиво, односно од нивото на тироидни хормони.

Доколку оштетувањето на тироидното ткиво е до тој степен што резултира со намалена продукција на тироидни хормони, во тој случај се воведува доживотна терапија со синтетски тироиден хормон. Терапијата треба адекватно да се дозира, со цел постигнување на еутироидна состојба, односно нормално ниво на тироидни хормони.

Кај пациентите кои немаат хормонски тироиден дисбаланс, но имаат позитивни ТПО антитела, се советува да прават редовни контроли на одредени временски интервали кај специјалист ендокринолог, кои вклучуваат УЗ преглед на тироидната жлезда и лабораториски анализи на тироидните хормони, со цел мониторирање на состојбата и навремено детектирање на евентуален хормонски дисбаланс.

Кога е неопходна консултација со ендокринолог за преглед на тироидната жлезда?

Поставувањето на точна дијагноза и евентуално воведување на соодветна хормонска терапија, кај најголем дел од случаите доведува до резолуција на симптомите и подобрување на здравствената состојба на пациентите. Затоа, доколку имате дел од горенаведените симптоми и некој од претходно споменатите ризик фактори, направете преглед на тироидната жлезда.

Медицина

Д-р Марија Илијовска
специјалист по ендокринологија
„Њуборн Клиника“

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 13%
  • 25%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 11180 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.