Секое работно место е уникатен спој на луѓе на различни возрасти и со специфични карактери кои постојано комуницираат, насочувајќи се кон една иста цел. Секоја индивидуа од тој колектив со себе носи единствени ставови и идеи и со нивна помош гради специјални односи со останатите колеги.
Успешното поврзување со колегите е далеку поразлично и потешко од склопувањето пријателства. Во деловниот свет грешките во интерперсоналните односи не поминуваат неказнети. Ако не сакате да бидете осамената личност во канцеларијата, тема на секојдневните озборувања или лицето со најниска репутација, еве кои грешки треба да ги избегнувате во односите со колегите:
- Ги носите домашните проблеми на работното место. Сигурно сте сретнале една од оние личности кои кога ќе се скараат дома, го мразат цел свет. Влегуваат во канцеларијата со насобрани веѓи, забораваат да кажат „Добро утро“, шират негативна енергија, а понекогаш си наоѓаат и „жртви“ врз кои ги истураат своите фрустрации. Не си дозволувајте сликата за вас во очите на колегите да биде токму ваква. Повеќето луѓе не сакаат да си ја носат работата дома, па не треба ниту домашните проблеми да ги носат со себе на работното место.
- Обвинувате друг колега за сопствените грешки. Вистина е дека секогаш кога ќе бидеме „фатени“ дека сме направиле грешка, инстинктот ни вели да се спасиме и да обвиниме некој друг. Но, префрлувањето на грешката на туѓо име не само што не го решава проблемот, туку и ја остава вашата репутација да виси на конец. Градењето на добри работни односи е клучен елемент во градењето на успешна кариера, а никогаш не е добра идеја да ја играте играта на неосновани обвинувања.
- Си ги препишувате на свое име заслугите на колегите. Тимската работа не значи да ги споделувате само лошите, туку и добрите моменти. Во бизнисот никој не сака себични луѓе во својот тим. Затоа, наместо да крадете од туѓиот труд, пофалете ги колегите кои дале сè од себе за да се реализира одреден проект. Пофалбите како „Денес се надмина себеси“ или „Прекрасна презентација“ придонесуваат не само колегите да се чувствуваат добро, туку и да имаат високо мислење за вас. На таков начин ќе ја заслужите нивната почит.
- Давате ветувања кои не можете да ги исполните. Голем дел од луѓето уште од првиот работен ден си поставуваат за цел да ги импресионираат своите колеги или да станат миленици на шефот. Тие ветуваат премногу, а ретко го исполнуваат ветеното. Не си дозволувајте да бидете како нив, затоа што неисполнетите ветувања го нарушуваат професионалниот имиџ и се симптом на несериозност.
- Ги озборувате колегите или шефот зад нивниот грб. Златно правило за секој професионалец е да стои подалеку од озборувањето на работното место, иако тоа е речиси невозможно. Тешко кој може да му одолее на искушението да ги начули ушите за да слушне сочен трач. Но, отворањето на ушите не значи автоматско отворање и на устата. Озборувањето на работното место е непрофесионално, па доколку имате проблем со некој од вашите „цимери“ во канцеларијата, решете го лице во лице.
- Влегувате во премногу блиски односи со колегите и им давате премногу лични информации. Можеби и вам ви се случило да жалите што сте споделиле нешто од вашиот приватен живот со „блиска“ колешка, бидејќи тоа „ненамерно“ станало тема на озборување. Работното место е натпревар меѓу конкуренти кои би го искористиле секое оружје за да ве победат. Она што во личниот живот лесно ѝ го доверувате на вашата пријателка, зачувајте го за себе во канцеларијата. Зошто вашиот имиџ да се валка поради мала недискретност?
- Си земате преголема слобода. Тоа што имате најдолго работно искуство не ви дава право да се чувствувате како „шефица“. Но, дури и ако имате подобра позиција, не треба да ги третирате другите како потчинети. Не се расфрлувајте со наредби од типот на „Свари ми кафе“, „Донеси ми вода“, „Купи ми сендвич“, зашто така само ја предизвикувате омразата на колегите, но не и нивната почит кон вас. Ако навистина не сте во можност да сторите нешто самите, замолете ги колегите на учтив начин.
- Се изолирате од колегите и сте сами против сите. Ако вашата интеракција со колегите се сведува на „Добар ден“ и „Пријатно“, тогаш и вие сте меѓу „грешниците“ во канцеларијата. Интерперсоналната комуникација е клучна за поврзувањето со колегите на професионален план. Колку подобри односи ќе изградите со колегите, толку повеќе тие ќе го ценат вашето мислење, ќе ги прифаќаат вашите погледи и ќе бидат попријателски расположени кон вас.
- Лажете. Добрата репутација се гради само преку искреност, а тоа е долготраен и макотрпен процес. Од друга страна, потребна е само една мала лага за да се сруши сето тоа. Да, компанијата во којашто работите сигурно не користи детектор за лаги, но сите знаеме дека „на лагата ѝ се кратки нозете“. Иако вистината понекогаш може да ве удри во лице, лагата секогаш удира посилно и има моќ да го уништи вашиот имиџ.
- Не ги почитувате молбите/барањата на колегите упатени кон вас. Луѓето сакаат да бидат ислушани и почитувани, особено на работното место. Ако луѓето кои ја делат канцеларијата со вас на учтив начин ве замолиле да не повторувате одредена постапка, нема потреба да бидете некултурни и да ги одбивате. Не можете да очекувате дека ќе имате хармонични односи со колегите ако постојано го пуштате клима уредот, иако ве замолиле да го исклучувате повремено. Одговорете на нивните барања за да можете да побарате нешто за возврат. Клучот на добрата комуникација е во компромисот.