Во денешниот динамичен свет, да се најде баланс помеѓу приватниот живот и работата е многу тешка задача. Повеќето луѓе ја носат работата дома, а домашните проблеми се обидуваат да ги решат во текот на работното време.
Кога не постои баланс помеѓу персоналниот живот и кариерата, се појавува стресот со целото свое разорно дејство.
Причини за нарушување на балансот
Пред околу десетина години јасно се знаеше работното време во фирмите и луѓето лесно можеа да постават граница помеѓу личниот живот и работата. Денес работите се менуваат. Сè повеќе луѓе работат во приватниот сектор, а тоа носи многу поголем притисок, отколку работењето во државно претпријатие.
Кај нас сè уште вработените во државната администрација работат по стариот принцип – завршувањето на работното време значи бегање дома. Но, оние кои работат во приватните фирми знаат што значи работење и по завршувањето на работното време.
Постигнувањето на баланс помеѓу личниот живот и кариерата е нож со две острици. Доколку се концентрирате врз вашата кариера и поминувате повеќе време на работа, сигурно ќе пропуштите многу прекрасни мигови со вашиот партнер и семејството. Во другиот случај, ако сте преокупирани со проблемите дома, тешко ќе можете да се концентрирате на вашите задачи и обврски на работното место. Тоа води до губење на приоритетите во животот, намалување на ефикасноста на работа и деконцентрација.
Затоа, многу е важно да знаете како да постигнете хармонија и да го намалите стресот во вашиот живот.
Совети за создавање баланс „личен живот – кариера“
Во никој случај не помислувајте дека ова е лесна задача. Постигнувањето на баланс е предизвик за кој ќе ви биде потребно многу време, но кога еднаш ќе го постигнете, веднаш ќе почувствувате огромно олеснување.
Еве неколку совети кои ќе ви помогнат да постигнете хармонија во вашиот живот.
- Оставајте ја работата на работа, а домашните проблеми – дома. Денешната напредна технологија може да воспостави контакт помеѓу две личности, без разлика на нивната локација. Точно поради тоа, никогаш нема да има граница помеѓу кариерата и вашиот приватен живот, освен ако вие сами не си ја создадете. Кога сте со вашите блиски, исклучете го вашиот службен мобилен и лаптопот, а кога сте на работа, забранете им на вашите блиски да ве бараат, освен ако не е итен случај.
- Научете се да велите „не“. Поставете си приоритети, за да знаете кои работи можете да ги одложите или да ги откажете. Не плашете се да му кажете „не“ на колегата кој бара да завршите дополнителни задачи. Кога ќе ги отстраните работите кои не сте задолжени и не сакате да ги правите, ќе имате повеќе време за сите други нешта кои ви се важни.
- Организирајте го вашето време. Распоредувајте ги домашните обврски во текот на целата седмица, наместо да ги извршувате сите во еден ден. Запишувајте ги сите работни задачи и важни датуми во нотес. Така ќе знаете кога ви се крајните рокови за задачите на работа и кога треба да поминете повеќе време со вашите блиски.
- Осигурете си добар сон. Недостатокот на сон го зголемува стресот, ја намалува вашата продуктивност и лесно може да правите грешки. Ако сте ненаспани, потребно ќе ви е повеќе време да ги завршите работните задачи, а тоа значи подолг престој на работното место. За да ги завршите обврските побрзо и да не треба да останете на работа по завршувањето на работното време, треба да сте одморени.
- Грижете се за себе. Секој ден практикувајте некоја активност во која уживате како слушање музика, јога, масажа, маникир и сл. Тоа ќе ви помогне да бидете порелаксирани и полесно ќе можете да се концентрирате на обврските. Издвојте си еден ден во неделата за одмор и искористете го само за да уживате со своите пријатели, партнерот и семејството.