Почетна » Здравје » Совети за здравјето » Како да бидете среќни?

Како да бидете среќни?

Знаете ли како да сте среќни? Или чекате среќата да тропне на вашата врата? Во многу мал дел од случаите среќата магично доаѓа во животот на луѓето. Психолозите тврдат дека таа треба да биде постигнување, нешто кон кое треба да се стремите.

Среќна девојкаВашите мисли и дејствија можат да ви ја зголемат среќата

Вашите избори, мисли и дејствија можат да влијаат на нивото на среќа. Можеби среќата не доаѓа лесно, но со прифаќањето на следните мали совети гарантирано ќе започнете да создавате една посреќна личност.

  • Изберете да бидете среќни. „Среќата е како пеперутка: колку повеќе трчате по неа, толку повеќе ќе ви бега, но ако си го одвлечете вниманието кон други нешта, таа ќе дојде и ќе застане нежно на вашето рамо“. Колку и да звучи убаво овој цитат од Хенри Дејвид Тореу, психолозите се согласуваат дека не е точен. Вистината е дека можете да изберете да бидете среќни. Одлучете свесно да го изберете она однесување и оној начин на мислење кои ќе ве доведат до среќата. Ослободете се од негативните емоции како омраза, лутина, презир, песимизам и научете се да ги прифаќате само позитивните мисли и чувства.
  • Верувајте дека заслужувате да сте среќни. Има луѓе кои се потценуваат себеси, имаат ниска самодоверба и веруваат дека им е судено да бидат несреќни. Секој ден обидувајте се да бидете што поразлични од тие луѓе. Убедете се дека заслужувате да бидете среќни и повторувајте си ги чекорите кои треба да ги направите за да ја достигнете среќата.
  • Бидете благодарни за работите со кои сте благословени. Многумина живеат без да ја препознаат среќата во нивниот живот и кога ќе се случи некаква несреќа, започнуваат да осознаваат колку работи поседувале поради коишто требало да бидат благодарни. Не ја правете и вие истата грешка. Нека ви биде обврска секојдневно да искажувате благодарност. Секој ден избирајте по 3 нешта поради кои се чувствувате благословени и напишете ги на лист хартија.
  • Негувајте го оптимизмот. Дали чашата ја гледате како полупразна или полуполна? Ако сте оптимисти, продолжете да го гледате животот од посветлата страна, затоа што таквото позитивно мислење често ќе става насмевка на вашето лице. Доколку сте песимисти, научете да ги препознавате негативните мисли кога ќе се појават и најдете начин да ги претворите во позитивни.
  • Бидете детинести. Не е тешко да се заклучи дека децата се посреќни од возрасните. Тие го гледаат светот со други очи, тие прашуваат за работите кои ги гледаат околу себе, тие им се радуваат на малите нешта, како виножито. Организирајте мала игра со вашите пријатели или партнерот. Еден нека поставува прашања како мало дете – „Зошто небото е сино?“, „Зошто птиците летаат, а ние не?“, а другите нека се обидуваат да дадат смислен одговор. Смешните прашања и одговори ќе ви бидат повеќе од доволно за да заборавите на грижите и да ве заболи стомакот од смеење.
  • Излезете 15 минути на сонце. Недостатокот на сончева светлина може да придонесе за појава на депресија, особено во зимскиот период. Затоа, кога ќе видите дека денот е сончев, облечете се и излезете на 15-минутна прошетка.
  • Опкружете се со позитивни луѓе. Не е тешко да започнат да ви доаѓаат негативни мисли кога луѓето околу вас се песимисти. Добро проценете ги вашите колеги и пријатели. Кои од нив секогаш ви изнудуваат насмевка на лицето, а кои ви ја цицаат енергијата? Избегнувате ги оние кои ви го „крадат“ расположението. Колку што можете почесто воспоставувајте контакти и дружете се со вашите пријатели. Докажано е дека луѓето кои имаат повеќе пријатели живеат подолго и се посреќни.
  • Направете нешто убаво за себе. Секој ден правете нешто што ќе ви го подобри расположението и ќе ви ја зголеми самодовербата. Одделете си дополнителни 10 минути за финиширање на својот изглед, купете си мал моден додаток, посетете го омиленото кафуле, уживајте во долга топла бања... Не си барајте изговори како „презафатена сум, немам ниту една минута слободно време“.
  • Направете си список со 100 нешта кои ве прават среќни. Можеби звучи тешко, но кога еднаш ќе седнете и ќе започнете да мислите во таа насока, ќе видите дека постојат многу работи кои може да ви донесат радост. Потоа секој ден правете по едно нешто од вашиот „список на среќата“. Ако на списокот имате напишано трчање по снегот, кога ќе падне првиот снег, каде и да сте, без разлика како се чувствувате, облечете ги чизмите и трчајте. Во тој момент никој нема да може да ви ја украде среќата.
  • Грижете се за вашето здравје и изглед. Во здраво тело, здрав дух. Практикувајте здрава исхрана. Мрсната храна прави да се чувствувате мрзеливо, а подоцна ќе чувствувате и вина на совеста што сте јаделе толку калорична храна. Редовно вежбајте. Така ќе го подобрите својот изглед и ќе бидете позадоволни од себе. Освен тоа, вежбањето го зголемува нивото на ендорфини во телото (хормонот на среќата).
  • Контролирајте го она што можете да го контролирате. Не можете да контролирате сè што се случува во животот. Некои работи едноставно не зависат од вас. Но, немојте да се чувствувате немоќни поради тоа. Бидете умни и започнете да правите разлика меѓу работите врз кои можете и работите врз кои не можете да влијаете.
  • Живејте во сегашноста. Не ја одложувајте среќата за друг ден кога планирате да имате помалку обврски. Наместо тоа, уживајте во малите задоволства кои секојдневно ви ги носи животот. „Секој момент е златен, за оној кој има визија да го препознае дека е таков“ – напишал Хенри Милер. Не мислете каков ќе ви биде денот утре додека вечерате со својот партнер или семејството. Уживајте во друштвото, во разговорите, во храната што е пред вас. Научете да живеете сега!
  • Знајте дека не можете постојано да бидете среќни. За да бидете среќни, треба да знаете дека среќата не е константна. Кога имате причина да бидете тажни, оставете да ве обземе таа емоција. Среќните луѓе знаат дека не можат да бидат среќни цело време. Токму поради тоа тие можат да ги ценат малите моменти, малите победи, малите чуда кои им се случуваат во животот.

Среќни сте? Пренесете им го тоа чувство на луѓето околу вас. Среќата е заразна.

Илјадници свеќи може да бидат запалени од една единствена свеќа, и животот на свеќата нема да биде скратен. Среќата никогаш не се намалува поради тоа што е споделена.

Буда

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20917 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.