Почетна » Здравје » Интимно » Како да препознаете кога сте во овулација?

Како да препознаете кога сте во овулација?

Одредувањето на овулацијата е важно и за жените кои сакаат да останат бремени и за жените кои во моментов сакаат да ја избегнат бременоста. Најраспространети начини за утврдување на најплодните денови се:

  1. Мерење на базалната температура
  2. Преглед на цервикалната слуз
  3. Утврдување на положбата на грлото на матката

I. Мерење на базалната температура

Базалната температура е температурата на телото во мирување. Нејзиното следење во текот на менструалниот циклус е стар метод за одредување на најплодните денови.

Во текот на менструалниот циклус, базалната температура се менува како резултат на хормоналните промени. Од доаѓањето на менструацијата па сè до пред овулација, базалната температура се движи околу 36-36,4°C, но таа се разликува од жена до жена. Во периодот по овулацијата, базалната температура се покачува во просек со 0,2°C и се задржува на тоа ниво до настапувањето на менструацијата. Доколку останете бремена, температурата ќе остане покачена.

Треба да имате на ум дека мерењето на базалната температура може да ви помогне да ја утврдите овулацијата дури откако таа се случила. Токму поради тоа, овој метод нема да ви биде особено полезен првиот месец од употребата. Но, откако ќе ја следите вашата базална температура неколку месеци по ред, ќе забележите дека нејзините промени се повторуваат како по шаблон. Тоа ќе ви помогне полесно да ја предвидите овулацијата во иднина.

Како да ја измерите базалната температура?

  • Започнете со мерење на температурата на првиот ден од вашата менструација.
  • Мерете ја температурата секој ден. Најдобро е тоа да го правите во исто време, на пример во 7 часот.
  • Базалната температура треба да ја мерите веднаш по будењето, уште додека сте в кревет, пред да сте направиле било што. Пригответе си го термометарот до вас, за да не треба да станувате. Запомнете, секоја активност може да влијае врз базалната температура.
  • За да биде точно измерена, потребно е да сте имале минимум шест часа мирен сон.
  • Мерењето може да го правите орално (под јазикот), ректално или вагинално. Кој начин ќе го изберете зависи од вас. Но, многу е важно секој ден да го користите истиот начин.
  • Секојпат користете ист термометар, затоа што секој термометар дава различни резултати. Потребна ви е точност, затоа што температурната разлика која треба да ја забележите е многу мала.

II. Преглед на цервикалната слуз

Цервикалната слуз (вагинален секрет) се менува во текот на менструалниот циклус и со помош на нејзино набљудување, вие можете да одредите кога е најголема веројатноста да сте во овулација. Иако за некои жени овој метод може да биде малку одбивен, нема ништо подобро од познавањето на своето тело.

Цервикалната слуз има различни функции. Кога не сте во овулација или не се приближувате кон овулација, таа служи за да ја спречи спермата да навлезе во матката, затоа што во секој случај вие нема да забремените. Кога се приближувате кон овулација, се зголемува лачењето на цервикална слуз, таа е потечна, порастеглива и ѝ помага на спермата да стигне до созреаната јајце-клетка.

Како се менува цервикалната слуз?

Благодарение на хормоните, во текот на менструалниот циклус се менуваат густината, количината и текстурата на цервикалната слуз. Добро време за да ја проверите вашата цервикална слуз е наутро, веднаш откако ќе одите во WC. Ако имате доволно количество слуз, можете да го испитате откако ќе се избришете со тоалетна хартија. Но, некои жени немаат доволно, па треба да земат од вагината со своите прсти.

Земете малку цервикална слуз помеѓу палецот и показалецот, растегнете ги прстите и обидете се да познаете во која фаза се наоѓате. Ако имате циклус во времетраење од 28 дена, најверојатно промената на цервикалната слуз ќе се одвива вака:

  • 1-5 ден. Менструација.
  • 6-9 ден. Вагината е сува или има малку слуз.
  • 10-12 ден. Се лачи малку поголемо количество на вагинална слуз која е леплива, густа и белузлава. Нема да можете да ја растегнете повеќе од 1cm.
  • 13-15 ден. Обилно се лачи растеглива, проѕирна и лизгава слуз, слична како белка од јајце. Во оваа фаза вие сте најплодни.
  • 16-21 ден. Лачењето на цервикална слуз повторно се намалува и таа станува густа, леплива, белузлава и не се растега.
  • 22-28 ден. Вагината е сува.

III. Положба на грлото на матката

Грлото на матката може да ви открие во која фаза од менструалниот циклус се наоѓате. За таа цел, ставете еден или два прсти во вагината. Внимавајте рацете да ви бидат чисти и суви. Со врвот на прстите треба да го почувствувате грлото на матката.

  • Пред овулација. Грлото на матката се наоѓа ниско, па поради тоа лесно можете да го допрете. На допир е тврдо и суво.
  • Околу овулација. Во вашите плодни денови, грлото на матката се наоѓа повисоко и потешко можете да го допрете. На допир е влажно и меко.
  • По овулација. Откако ќе поминат вашите најплодни денови, грлото на матката повторно слегува подолу и е тврдо и суво на допир.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19745 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.