Почетна » Здравје » Интимно » Менструалниот циклус и овулацијата

Менструалниот циклус и овулацијата

Менструален циклус

Менструалниот циклус кај секоја жена е различен и зависи од многу фактори како стрес, физичка активност, нивото на хормони. Поради тоа, многу често тешко е да се следи и да се предвиди.

Времетраењето на менструалниот циклус се мери од првиот ден на последната менструација до првиот ден на наредната менструација. Најчесто трае 28 дена, а кај повеќето жени трае од 26-32 дена.

Жена во овулацијаСекоја жена треба да ги разбира менструалниот циклус и овулацијата.

Менструалниот циклус се дели на фоликуларна и лутеинска фаза. Фоликуларната фаза започнува на првиот ден од последната менструација и трае до овулацијата. Овој прв дел од менструалниот циклус кај жената може многу да варира. Вториот дел од циклусот трае од овулацијата до почетокот на наредната менструација. Времетраењето на оваа втора лутеинска фаза не варира многу и се движи од 12-16 дена, најчесто 13-14.

Тоа значи дека денот на овулацијата одредува колку ќе биде долг менструалниот циклус. Надворешните фактори како стрес и болести можат да влијаат на овулацијата и да ја изместат, а тоа ќе резултира со промена на денот на појава на менструација. Но, раширеното тврдење дека стресот може да предизвика одложување на менструацијата е половично точно. Навистина стресот влијае врз овулацијата и со тоа се одредува кога ќе започне вашата наредна менструација, но стресот во периодот кога ја очекувате менструацијата, нема да придонесе таа да се одложи, затоа што овулацијата веќе одредила кога ќе започне менструацијата. Сепак, секое тело реагира на различен начин кога е под влијание на стрес.

Што претставува овулацијата?

Овулацијата е една од најважните работи кои што секоја жена треба да ги разбира за своето тело, затоа што таа е решавачкиот фактор за забременувањето или за избегнување на несакана бременост.

Овулацијата е специфична фаза од менструалниот циклус, кога жената е најплодна. За време на оваа фаза јајникот испушта јајце-клетка која е созреана за оплодување. Кој јајник ќе ја испушти јајце-клетката е произволно, т.е. тоа не значи дека наизменично се менуваат со секоја овулација.

Со овулацијата, зрелата јајце-клетка доаѓа во абдоминалната празнина и по неколку минути навлегува во јајцеводот. Ако во овој период жената има незаштитен сексуален однос, тука ќе се сретне јајце-клетката со дел од сперматозоидите и може да настане оплодување. Јајце-клетката може да живее 12-24 часа, а сперматозоидите од друга страна во таа средина можат да живеат 2-3 дена.

Кога настапува овулацијата?

Препознавањето на периодот на овулација е одлична помош за секоја жена. И оние кои сакаат да останат бремени и оние кои сакаат да ја избегнат бременоста, треба да знаат кога е најголема веројатноста да настапи овулација.

За да пресметате кога е најголема веројатноста да настапи овулација, најдете кога треба да започне вашата наредна менструација и бројте наназад 12-16 дена. Така ќе добиете период од неколку дена кога е најголема веројатноста да овулирате. Најплодниот период на жената започнува до 5 дена пред овулација и трае до 2 дена после овулацијата. Најплодниот ден е денот точно пред овулација.

Најчесто овулацијата настапува 14 дена пред почетокот на наредната менструација. Ако имате менструален циклус од 28 дена, тоа значи дека најверојатно овулацијата ќе се случи на 14-тиот ден.

Но, овулацијата може да варира. Најголем дел од жените овулираат од единаесеттиот до дваесет и првиот ден од циклусот. Ако сакате да избегнете бременост, во овој период не практикувајте незаштитен секс.

Факти за овулацијата

  • Секоја жена се раѓа со стотици илјади до неколку милиони несозреани јајце-клетки.
  • Менструацијата може да започне без да се случила овулација.
  • Овулацијата може да настапи и покрај отсуство на менструација.
  • Најчесто само една јајце-клетка созрева и е готова за оплодување секоја овулација.
  • Јајцето живее 12-24 часа откако ќе го напушти јајникот.
  • Некои жени чувствуваат болка во близина на јајниците за време на овулација. Таа состојба се нарекува mittelschmerz што на германски значи средна болка.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19673 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.