Почетна » Убавина и мода » Шминка » 8 топ мејкап трендови – пролет/лето 2012

8 топ мејкап трендови – пролет/лето 2012

Надополнети со одредена доза на едноставност, елеганција и романтика, новите трендови кај шминката се пред сè женствени и нежни. Визиите на мејкап артистите за сезоната пролет/лето се одликуваат со разноликост, така што во нив ќе се пронајдат и оние кои го преферираат природниот свеж изглед, но и оние кои преку шминката сакаат да остават силен впечаток.

Можеби некои од трендовите ќе ги сфатите како еден вид градација на трендовите од минатата сезона, но многу други се свежа реакција на пролетното будење на природата, така што ќе ви ја зголемат љубопитноста да поексперименирате.

Сакате да направите промена во вашиот стил на шминкање? Инспирирајте се од следниве нови пролетни и летни трендови:

Трепки како на куклаПрироден изглед со невидлива шминкаПолни дебели веѓиСочни портокалови усниБебешко розови усниКорални и розевкасти спортски образиМодерни мачешки очиЗлатни и сребрени очи

Трепки како на кукла

Густите долги трепки, свиткани нагоре исто како на кукла, се вистински погодок. Неодоливите густи трепки се одлично надополнување на пастелните нијанси и женствените силуети кои преовладуваа во актуелните колекции за новата сезона.

Мејкап експертите советуваат да нанесете неколку слоја маскара за им дадете на трепките повпечатлива дефинираност.

Природен изглед со невидлива шминка

Свежо и романтично! Намената на дискретната шминка е да ги прикрие несовршеностите по кожата и да ги истакне цртите на лицето. Природниот изглед, постигнат со минималистичка шминка која воопшто не се забележува, е апсолутен бјути хит.

Бебешки нежната кожа, деликатно контурираните образи и меките кремасти и розевкасти усни се совршена комбинација за претстојните топли и сончеви денови.

Полни дебели веѓи

Модниот свет моментално е заљубен до уши во драматичните дебели веѓи. Смелата полна форма на веѓите стана доминантна минатата сезона и без да изгуби ниту малку од своето влијание, продолжува да биде атрактивна и оваа сезона.

Врвните мејкап артисти препорачуваат да искористите молив за оцртување кој е две нијанси потемен од бојата на вашите веѓи за дополнително да ги акцентирате. Нивен совет е дебелите веѓи да ги комбинирате со нежни неутрални усни.

Сочни портокалови усни

Портокаловите нијанси несомнено ќе ја одбележат 2012 година. Пролетното будење на природата, како и продирањето и засилувањето на сончевите зраци, ќе ја актуализираат портокаловата боја.

Оптимистичките нијанси освен што ќе најдат свое место во трендовите кај облеката, на забавен начин ќе ги обојат усните на оние похрабрите. Освен портокалов кармин, нема да погрешите и ако изберете руменило со портокалови и „корални“ пигменти.

Бебешко розови усни

Новата сезона постави на пиедестал сè што е женствено и нежно. Розовите усни не се исклучок. Карминот во розова боја можете да го споите со пастелни сенки за очи или со сребрена сенка со металик сјај.

Нежните розови усни асоцираат на мекост и изгледаат подготвени да бидат бакнати, па барем еднаш ќе посакате да ја почувствувате магијата на овој тренд.

Корални и розевкасти спортски образи

Спортската тематика е новитет во модните трендови, а на некој начин спортскиот изглед си пронајде место и во мејкап трендовите. Освежителните образи кои изгледаат како да се резултат на спортска активност се меѓу најевидентните трендови.

Црвеното руменило е аут, но затоа пак, руменилата во боја на кајсија и корали и розовите руменила убедливо ќе ви помогнат да постигнете свеж, младешки и здрав блесок на кожата на лицето. Руменилото не го нанесувајте само на јаболкниците, туку разнесете го и на слепоочниците и на линијата на челото каде што започнува косата.

Модерни мачешки очи

Инспирацијата за оцртаните очи со црн ајлајнер доаѓа од различни извори – од мејкап стилот на Софија Лорен, до мачешките очи од 50-тите години.

Доволно е да имате стабилна рака и неколкуминутна трпеливост за да им дадете ретро гламур на вашите очи продолжувајќи ја со ајлајнерот линијата малку понатаму од надворешниот агол на окото и правејќи нежен и постепен свиок нагоре.

Златни и сребрени очи

Сенките со метален отсјај се идеален избор за вечерен изглед. Сребрени, бронзени, златни... бели сенки со бисерен сјај, сини сенки со металик блесок... изборот е огромен.

Единствено треба да внимавате да ги комбинирате металик сенките со мат изглед на кожата. Сигурно не би сакале целото лице да ви сјае. Ако се одлучите да го пробате овој тренд, поставете го фокусот само на очите.

Трендови за кои треба да знаете:

  • Црвени усни. Светлоцрвениот кармин е фантастичен за моментите кога треба да изгледате свечено и гламурозно.
  • Син „зачаден поглед“. Малку е невообичаено трендот „smokey eyes“ да остане актуелен и во топлата сезона, но сепак, синиот зачаден поглед ќе продолжи да освојува обожавателки.
  • Зелена сенка за очи. Пролетта ги враќа на сцената боите. Сенките за очи во боја на смарагд ќе ви помогнат на елегантен начин да инкорпорирате боја во вашиот изглед, без да претерувате.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.