Почетна » Убавина и мода » Мода » Њујоршката недела на модата – колекции есен/зима 2014-2015

Њујоршката недела на модата – колекции есен/зима 2014-2015

Модниот месец започна со њујоршките ревии на кои беа прикажани колекциите есен/зима 2014-2015. Повеќе од 80 дизајнери добија шанса да ги освојат модните критичари и да ја задржат наклонетоста на својата клиентела.

Ѕирнете во колекциите на најистакнатите дизајнери кои измамија комплименти од пребирливата, критички настроена публика.

Рим Акра

Идејата на либанската дизајнерка Рим Акра била преку новата колекција да опише патување на елегантна жена во текот на една ноќ низ Париз.

Раскошните креации блескаа на пистата. Флуидните силуети и извезените мониста и кристали би ја завеле секоја дама.

Reem Acra Reem Acra

Оскар де ла Рента

Оскар де ла Рента е синоним за гламур и дамски фустани, но овој пат 81-годишниот дизајнер одлучи да поекспериментира и со посмел и донекаде помладешки изглед. Првите креации на пистата беа инспирирани од машката облека, потоа дојде редот на посексапилни креации кои имаа и рок елементи, за на крајот пистата да ја преплават женствени фустани со оскаровски потенцијал.

Искусниот дизајнер редовно потенцира дека неговата цел е да креира привлечна облека која жените ќе сакаат да ја носат, а не да поставува нови трендови. Несомнено неговата формула е успешна.

Oscar de la Renta Oscar de la Renta

Дона Каран

Дона Каран ја прослави 30-годишната од постоењето на својот бренд со сексапилна колекција во која отсуствуваа принтовите и доминираа црна, бела и црвена боја, како и нијанси на карамела.

„Триесет години подоцна, го гледам стилот како еволуција, уникатна рефлексија на тоа кој си, каде си бил и каде одиш“ – рекла Каран, посветувајќи ја колекцијата на Њујорк.

Donna Karan Donna Karan

Мајкл Корс

Романтични и шармантни креации ги прекриваа телата на манекенките кои според Корс наликуваа на „урбани циганки“.

Нежни здолништа и фустани со ситен дезен ѝ даваа леснотија на колекцијата, а широките кожени колани ја зголемуваа впечатливоста. Корс црпел инспирација од секојдневниот стил на њујорчаните и го спојувал со безгрижниот стил на жените од Северна Калифорнија.

Michael Kors Michael Kors

Прабал Гурунг

Колоритна, комотна и топла колекција беше претставена од страна на непалскиот дизајнер Прабал Гурунг. Дури ни разголениот натрапник со златни танга гаќички кој истрча на пистата не го одвлече вниманието на публиката од невообичаените креации.

За време на неодамнешно патување во Непал, Гурунг го посетил поранешното кралство Мустанг и бил восхитен од културата и спокојството во тој регион, па новата колекција е рефлексија на тоа патување. Обвивањето на телото со различни материјали се провлекува како карактеристична црта на креациите.

Prabal Gurung Prabal Gurung

Ралф Лорен

Убавината е во едноставноста. Ралф Лорен одушеви со софистицирана колекција во бели, сиви и нежно розови нијанси, која сигурно ќе биде дочекана со одушевување од вистинските дами.

Елеганцијата беше инкорпорирана и во дневните и во вечерните креации, додека префинетите материјали и акцентите од крзно беа пресудни за финалниот луксузен ефект.

Ralph Lauren Ralph Lauren

Викторија Бекам

Едноставните креации со издолжени силуети танцуваа помеѓу мажествениот и женствениот стил на облекување на ревијата на Викторија Бекам.

Монотонијата на едноставните кроеви беше разбиена со декорации како набори и златни синџирчиња, како и со плисирани материјали. Црната и белата боја имаа доминантно присуство, а на моменти окото го привлекуваа недефинирани разнобојни шари.

Victoria Beckham Victoria Beckham

Каролина Ерера

Ерера си поигра со пропорциите и не ги прескокна принтовите. „Се обидувам да одам во иднината“ – изјавила 75-годишната креаторка, позната по стремежот кон елеганција и софистицираност.

Carolina Herrera Carolina Herrera

Џени Пекам

Бјанка Џегер, активистка и поранешна актерка, беше инспирација за новата колекција на Џени Пекам, која редовно ја облекува војвотката Кетрин. „Не тоа што го носеше таа (Џегер), туку како го носеше. Еклектичка, со интелигенција и остроумност“ – изјавила Пекам.

Свечените креации, кои по малку потсетуваа на стилот од 70-тите години, веројатно ќе завршат на црвениот тепих.

Jenny Packham Jenny Packham

Марк Џејкобс

Модниот свет со нетрпение ја очекуваше новата колекција на Марк Џејкобс, затоа што станува збор за првата колекција по неговото заминување од модната куќа Луј Витон. За време на шоуто, над публиката висеа бели облаци, создавајќи драматичност типична за Џејкобс.

„Гледавме на жени како Мерил Стрип и Џесика Ланг. Жени на кои им се восхитуваме и ги почитуваме, а кои имаат сила без каква било агресија“ – изјавил Џејкобс. Ревијата започна со минималистички креации со издолжени силуети кои потсетуваа на 60-тите години, продолжи со гламурозни блескави фустани, туники и панталони, за да заврши со лесни и нежни креации, чија динамичност беше последица на слоевитоста и наборите од проѕирни материјали.

Marc Jacobs Marc Jacobs

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20853 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.