Почетна » Убавина и мода » Мода » Миланската модна недела – колекции есен/зима 2014-2015

Миланската модна недела – колекции есен/зима 2014-2015

Кога ателјеата на модни бреднови како Версаче, Џорџо Армани, Роберто Кавали, Долче и Габана и Гучи се подготвени да раскажат нови приказни, секој вљубеник во модата внимателно набљудува и апсорбира апсолутно сè. Публиката во Милано беше хипнотизирана од бројни ревии на кои беа презентирани колекциите есен/зима 2014.

Миланската модна недела создаде бура низ шармантниот италијански град, оставајќи зад себе креации за кои долгo ќе се зборува.

Роберто Кавали

Огнен сексапил, див шарм и неодолива заводливост поттикната од арт-деко стилот се преплетуваа низ колекцијата на Кавали. Искусниот дизајнер пронајде инспирација во Ли Милер, американска фотографка која работела во Њујорк како модел во 20-тите години, пред да се пресели во Париз.

Не е тајна дека Кавали е далеку од минималист и e огромен обожавател на животинските принтови, па новата колекција не беше големо изненадување. Особено впечатлив беше огнениот принт на дел од креациите, а доста доминантни беа фустаните со спуштен струк во стилот на 20-тите години.

Roberto Cavalli Roberto Cavalli

Версаче

Донатела Версаче испрати на пистата армија манекенки во креации со елементи од војничка униформа. Големите копчиња беа поставени на асиметрични фустани понекогаш изработени од два материјали, на крзнени палта, сакоа и ултра кратки здолништа. „Џани порано собираше винтаж војнички униформи и медали“ – објаснила русокосата креаторка.

Ресите укажуваа на влијание од Дивиот Запад, а многу креации потсетуваа на препознатливиот стил на музичари како Принц и Мајкл Џексон. „Ова е колекција за моќта на жената“ – дополнила Донатела.

Versace Versace

Гучи

Фрида Џанини се наврати на стилот од 60-тите години со полежерна колекција ослободена од драматичниот гламур по кој е позната модната куќа Гучи. Креативната директорка милува да каже дека жената Гучи се облекува за да се задоволи себеси, а не за да ги задоволи другите луѓе, па таа им излезе во пресрет на своите клиентки. „Сметам дека е важно во ова време да се прави реална облека за реални жени“ – објаснила таа.

Високи чизми со ниски потпетици, панталони со машки крој, фустани со А-линија и крзнени палта во нијанси кои се пријатни за окото стојат во темелите на колекцијата.

Gucci Gucci

Долче и Габана

Доменико Долче и Стефано Габана ја внесоа публиката во чудна, но визуелно прекрасна бајка во која главната улога ја имаа витези и дами и Црвенкапа. Со колекцијата „Enchanted Sicily“ креаторското дуо се оддалечи од фолклорните елементи за својата татковина и навлезе во нова волшебна територија.

Бувови, лисици и верверици го мамеа погледот од палта и фустани, цветни декорации со ефект на романтична тантела беа изработени на многу креации, а особено впечатливи беа обувките инспирирани од витезите.

Dolce&Gabbana Dolce&Gabbana

Емилио Пучи

За време на модното шоу „Call of the Wild“, дизајнерот Питер Дандас претстави сексапилни креации со извезени мониста и метални детали кои оформуваа принтови типични за италијанскиот бренд.

Кадифените креации не останаа незабележани од публиката, но исто така се истакнаа и плетени креации со „Навахо“ дезен, зад кои стојат норвешките корени на Дандас.

Emilio Pucci Emilio Pucci

Џорџо Армани

Армани ја обожава сивата боја, а неговата нова колекција „Fade То Grey“ гравитира околу сивило освежено со светло зелени нијанси.

Ревијата започна со поофицијална дамска облека како широки панталони со должина до над глуждови и интересни сакоа кои му дадоа нов изглед на традиционалниот женски костум. Атрактивниот танц на сиви и зелени нијанси продолжи и кај вечерните фустани кои зрачеа со префинетост и елеганција.

Giorgio Armani Giorgio Armani

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20853 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.