Почетна » Убавина и мода » Мода » Редефинирање на поимот убавина: 10 модели кои ги поместуваат стереотипните стандарди за убавина

Редефинирање на поимот убавина: 10 модели кои ги поместуваат стереотипните стандарди за убавина

Пробивањето во модната индустрија воопшто не е лесно. Успехот зависи од строго воспоставените критериуми за убавина, а со тоа доаѓа и тешкиот психички притисок со кој се справуваат моделите додека се обидуваат да се вклопат во нив.

Покрај „совршените“ манекенки постојат и оние кои изодиле потежок пат пред да му ја пренесат на светот својата порака: Убавината е релативна! Запознајте неколку од моделите кои ги рушат стандардите за убавина.

Вини Харлоу

И покрај тоа што повеќе модни куќи активно соработуваат со модели од афро-американско потекло, многу од светски познатите манекенки кажуваат дека некогаш биле во ситуација да се справуваат со стереотипи поврзани со нивната „претерано темна“ кожа. Но што се случува кога модел со темна кожа има воедно и автоимуно нарушување на кожата кое резултира со депигментација на одредени делови од телото?

Вини Харлоу е манекенка од Канада која веќе се смета за една од највлијателните жени на светот кои имаат темна кожа, како и за еден од најзначајните модели чиј специфичен изглед им пркоси на стандардите.

модели модели модели

Ешли Греам

Борбата со оние неколку несакани плус килограми им е позната на сите жени. Славните модели не се исклучок, бидејќи тие постојано се соочуваат со строга контрола на нивната тежина. Како и да е, има и такви кои упорно одбиваат да го симнат „вишокот“ килограми и да се вклопат во „калапот“ за совршен модел. Една од нив е и Ешли Греам, 29-годишна манекенка која е моментално првата асоцијација за позитивна перцепција на сопственото тело.

Таа е и првиот модел со облини кој се појави на насловната страница на списанието Sports Illustrated, ангажирана е од повеќе модни куќи, а минатата година лансира и своја линија долна облека.

модели модели модели

Теди Квинливан

Се сеќавате ли на Андреј Пејиќ, транссексуалниот модел кој стана миленик на Жан Пол Готје? Пред само неколку дена, во ексклузивно интервју за CNN, и светски познатиот модел Теди Квинливан го призна својот транссексуален идентитет.

Во интервјуто таа открива дека одлуката за ваков чекор ја направила самата за себе, но и поради политички побуди. Имено, Квинливан смета дека доаѓањето на Доналд Трамп како претседател на САД само го поттикнува насилството над транссексуалците, па затоа решава да ја искористи својата слава за да им даде поддршка на ваквите луѓе. Квинливан смета дека модната индустрија ја има моќта да им обезбеди прифаќање и разбирање на младите кои се соочуваат со вакви проблеми.

модели модели модели

Ашер Неш

Покрај Медлин Стјуарт, тинејџерката со Даунов синдром, која ги оствари своите соништа да стане модел и притоа ги помина сите пречки на патот на успехот, сличен пат измина и малиот Ашер Неш. Неговата мајка Меган испратила фотографии од своето синче на огласот за заштитно лице на брендот за детска облека OshKosh B’Gosh. Веднаш била одбиена со објаснување дека компанијата не бара дете со посебни потреби.

Откако Меган одговорила дека детето ги исполнува сите други критериуми и ја носи нивната облека секој ден, компанијата го прифатила со цел да им даде поддршка и на останатите родители на деца со Даунов синдром.

модели модели модели

Викторија Модеста

Викторија Модеста е британски модел со латвиско потекло. Поголемиот дел од своето детство го поминала во различни болници. Поминала вкупно 15 операции, сѐ до 2007 година, кога ѝ била ампутирана левата нога. И покрај тоа, таа не се откажала од љубовта кон музиката и уметноста, па така и денес активно пишува песни и пее. Позната е по храброста да ги носи вештачките протези како модни детали и без срам да го покаже отсуството на едната нога.

Особено е запаметен нејзиниот настап на затворањето на летната Параолимпијада во 2012 година, кога моделот се појави со протеза украсена со Сваровски кристали.

модели модели модели

Маша Тељна

Маша Тељна е модел од Украина чии необично големи очи брзо го привлекоа вниманието на многу модни куќи. Оваа специфика на изгледот на Маша е нејзин заштитен знак, но таа повеќе пати се соочувала со негативни коментари дека изгледа неприродно и дека личи на вонземјанин. Сепак, по нејзината појава на модни настани, го добила и прекарот украинска самовила. Веќе има соработувано со некои од највлијателните имиња во светот на модата, меѓу кои и Кристијан Диор, Живанши, Нина Ричи итн.

модели модели модели

Дијандра Форест

Дијандра Форест е афро-американски албино модел. Ваквата појава е навистина ретка, но во случајот на Дијандра, резултира со навистина егзотичен изглед кој е особено ценет од повеќе модни куќи. За себе вели дека многу тешко успеала да стекне самодоверба и чувство на припадност. Токму затоа отворено ја споделува својата приказна и притоа служи како инспирација за останатите луѓе кои се соочуваат со истата состојба.

модели модели модели

Кармен Дел’Орефиче

Старосните граници не важат за вистинската убавина. Доказ за тоа е Кармен Дел’Орефиче. Родена е во 1931, а во светот на модата опстојува од 1947 година, кога за првпат се појавила на насловната страница на Vogue.

Пораката којашто сака да ја испорача е дека ниедна жена не треба да се плаши од староста бидејќи убавината не исчезнува со годините.

модели модели модели

Мофи

Појавата на Мофи во светот на модата беше објавено како откритие на втората Кејт Мос. Тоа се случи не само поради тоа што Мофи е откритие на истата агенција (Storm Models) којашто ја промовира Кејт Мос, туку и поради нејзината несекојдневна убавина.

Првата фотографија со која Мофи дебитира во Pop Magazine ја прикажува без никаква шминка, но покрај уникатниот изглед, забележлив е и страбизмот, кој веднаш станува нејзин заштитен знак.

модели модели модели

Кејси Леглер

Кејси Леглер е водечко женско име во светот на машката мода. Нејзината невообичаена висина од 188 цм, впечатливите црти на лицето, како и кратката коса ѝ обезбедиле договор со Ford Models, потпишан како машки модел. Самата вели дека модата дозволува жена да рекламира машка облека и дека таа е совршен машки модел, иако е жена.

Откако ја заврши својата пливачка кариера и се преориентира на моделството, таа вели дека одново го сознала својот идентитет. Ваквиот тип моделство е само експериментирање со различни форми на женственоста, како и своевидно продолжување на нејзината уметност.

модели модели модели

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20097 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.