Почетна » Убавина и мода » Мода » Париската недела на модата – колекции есен/зима 2015

Париската недела на модата – колекции есен/зима 2015

Париз ги угости стотиците илјади модни ентузијасти кои со огромно љубопитство ги дочекаа колекциите есен/зима 2015-2016.

Погледнете неколку од ревиите кои го означија крајот на модниот месец во четирите најголеми светски центри на модата.

Шанел

Карл Лагерфелд ги покани гостите во париско бистро и им сервираше „визија за Франција на странец кој мисли дека Франција не е така лоша“. Во центарот на „Brasserie Gabrielle“ на дрвен бар се служеа кроасани, додека манекенките дефилираа околу него. „Не може да биде пофранцуска. Ова е француска колекција“ – рекол модниот ветеран.

Chanel Chanel

Екстравагантни јакни, креации од твид, стилски експерименти со слоевитост и Шанел класика ги одушевија критичарите, кои се осмелија да кажат дека ова е најсилната ready-to-wear колекција на 81-годишниот дизајнер во изминативе години. Сите манекенки носеа нова верзија на двобојните обувки со „капаче“ кои ги популаризираше Коко Шанел. „Никогаш ги немав искористено овие обувки, а сега ги има само нив“ – коментирал Лагерфелд.

Шанел Шанел

Балман

Оливие Рустан се инспирираше од Париз во 70-тите години, но не толку од силуетите и дезените кои владееја во таа деценија, колку од космополитскиот дух на градот во кој се мешаат култури, раси и религии.

Плисирани палацо панталони, колоритни комбинезони, фустани од реси, дебели колани кои ја акцентираат половината, богати егзотични нијанси... Рустан дефинитивно умее да ја освои модерната жена со ретро ентузијазам.

Балман Балман

Диор

Раф Симонс целеше да ја прикаже природата и женственоста на нов начин, да ги избегне очекуваните цветни дезени и да создаде нешто помрачно и посекси. Апстрактни верзии на животински принтови му помогнаа да си ја постигне зацртаната цел. Разнобојни принтови се среќаваа на фустаните, но и на впечатливите латекс чизми со плексиглас потпетици кои честопати ги достигнуваа бутовите.

Палтата и костумите содржеа еднакви дози мажественост и женственост и со сигурност ќе го привлечат погледот на дамите кои сакаат да покажат авторитет. Со крзно од канадска лисица, Симонс се вклучи во големата група дизајнери кои го туркаат крзното кон врвот на трендовите за сезоната есен/зима 2015.

Диор Диор

Валентино

Бен Стилер и Овен Вилсон ја затворија ревијата на Валентино, со идејата да го најават филмот „Zoolander 2“. Популарните актери ја размрдаа публиката и го привлекоа медиумското внимание. Сепак, колекцијата на Марија Грација Киури и Пјер Паоло Пичоли остана во фокусот на модните критичари кои имаа само пофални зборови.

Поетска романтика зрачи од колекцијата инспирирана од Селија Биртвел и Емилија Флеге, две извонредни жени кои според дизајнерите, успеале да ги комбинираат кревкоста и сензуалноста и им даваат сила и длабочина на женската грациозност.

Валентино Валентино

Ели Сааб

Ели Сааб ги освојува срцата на модерните хероини. Либанскиот дизајнер испрати армија манекенки кои од бестрашни воини се трансформираа во мистични нимфи. Пистата на Сааб беше сместена сред дрвја со голи гранки. Манекенките влегоа во мистериозната шума моќно и смело со креации во војнички стил, но на крајот се сплотија со мајката природа и бликна нивната женственост и сензуалност.

Од една страна стојат строгите кроеви, типични за војничките униформи, а од друга, релаксираните силуети. Луксузни темнозелени, црвени и сини нијанси ја рушеа монотонијата на мрачната црна боја. Ставајќи ја восхитувачката природа во срцето на колекцијата, Сааб со неа магично ќе ги претвора дамите во современи богињи.

Ели Сааб Ели Сааб

Луј Витон

Никола Гескиер експериментираше со текстурите и презентираше комбинации во рокенрол стил со ретро примеси и едвај забележлив футуризам, во рамките на својата трета колекција за Луј Витон.

„Ова е истражувачката страна на Луј Витон – градам нови класични парчиња повторно и повторно, обидувајќи се да ги направам порафинирани и мешајќи ги со елементи кои го рефлектираат идентитетот на Луј Витон“ – изјавил Гескиер.

Луј Витон Луј Витон

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20892 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.