Почетна » Убавина и мода » Мода » Лондонската и Миланската недела на модата – колекции есен/зима 2015

Лондонската и Миланската недела на модата – колекции есен/зима 2015

Модната тајфа вртоглаво брзо патува низ најголемите европски центри на модата. Првата станица на Стариот континент беше Лондон, каде хипнотизираа ревии на кои преовладуваше богат микс од колоритни принтови. Додека во Лондон дизајнерите експериментираа, во Милано креаторите играа на сигурно, без преземање на ексцентрични стилски ризици.

Погледнете дел од ревиите кои ги размрдаа усните на модните критичари.

Емилио Пучи

Мистична зодијачка енергија владееше на ревијата на Емилио Пучи. Дизајнерот Питер Дандас ги испрати манекенките во креации со хороскопски знаци. Богатата боемска модна приказна инстантно привлече обожаватели.

Иако сè уште нема официјално соопштение, речиси е сигурно дека ова e и последната колекција на Дандас за Пучи. (Се шпекулира дека Дандас ќе ја продолжи кариерата во модната куќа Роберто Кавали).

Емилио Пучи Емилио Пучи

Џорџо Армани

Стремежот кон прагматизам беше очигледен на ревијата на Армани. Модниот ветеран мисли на бизнис и креира облека која неговите клиентки веднаш ќе посакаат да ја поседуваат.

Дамски комбинации со панталони, необична игра на текстури, уметнички принт, луксузни детали, префинети модни додатоци... Армани непосредно пред 40-тата годишнина мајсторски ја освои публиката.

Џорџо Армани Џорџо Армани

Версаче

Донатела Версаче „раскина“ со минатото и го донесе брендот Версаче во дигиталната сегашност. Креациите од колекцијата #Greek ловеа погледи со живите бои, грчката шара која стои во темелите на брендот, но и со емотиконите и интернет симболите како „@“ и „#“.

„Во мојот ум и во моето срце знам дека повеќе не сакам да гледам во архивата. Фала му на Бог за архивата. Но, време е да ја заборавиме и да мислиме на иднината“ – рекла 59-годишната Италијанка.

Версаче Версаче

Прада

„Слатка... но насилна“ – со овие зборови Мјуча Прада ја опиша својата колекција. Пастелните нијанси и фустаните со впечатливи детали недвосмислено зборуваа за младешкиот дух на забавните креации, додека ракавиците и костимите донесоа на сцената дамски шик.

„Размислував за тоа што сакаат жените: бои, панделки, декорации“ – објаснила популарната дизајнерка.

Прада Прада

Гучи

Модниот свет со нетрпение ја очекуваше ревијата на Гучи, бидејќи тоа беше првата колекција на наследникот на Фрида Џанини, Алесандро Мишел. „Се обидувам да ставам нешто поетско во моќен, исконски бренд. Инспириран сум од различни временски периоди, а токму тоа и ни недостига во модата“ – рекол Мишел.

Колекцијата наиде на измешани критики, особено заради тоа што ја носи популарната модна куќа во сосема нова насока. „Ја познавам архивата на Гучи подобро од својот стан! Но, ова е мој јазик, а јас не можам да правам нешто друго“ – рекол самоуверено Мишел.

Гучи Гучи

Барбери

Со хипи шарм Кристофер Бејли ја маѓепса публиката на ревијата на Барбери. Длабоки тиркизни, пурпурни и окер нијанси, крпеници, реси, пончо-наметки и фустани со фолк мотиви го оживеаја стилот од 60-тите и 70-тите години.

Релаксираните силуети се одлика на шареноликата колекција „Patchwork, Pattern and Prints“.

Барбери Барбери

Метју Вилијамсон

И Метју Вилијамсон се инспирираше од хороскопот. „Мојата инспирација беа зодијачките знаци“ – изјавил тој и дополнил дека се фокусирал на скапоцените камења кои се асоцираат со одделните знаци.

Луксузни нијанси на рубин, аметист и сафир ги обојуваа креациите кои пленеа со романтична и поетска нежност.

Метју Вилијамсон Метју Вилијамсон

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20853 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.