Почетна » Семејство » Дете » Тинејџерите и пиењето алкохол – причини и последици

Тинејџерите и пиењето алкохол – причини и последици

Алкохолот е многу моќна легална дрога која е лесно достапна за тинејџерите-експериментатори. Најголем процент од адолесцентите имаат пробано алкохол. Некои пробале во една прилика и веднаш се откажале, а други редовно си ја полнат чашата со алкохолен пијалак. Голем дел од тинејџерите не се доволно информирани за последиците од неконтролираното консумирање на алкохол. Тие само знаат дека пиењето е забавно и дека сите го прават и веруваат дека тоа ја зголемува нивната популарност.

Тинејџери пијат алкохолТинејџерите често пијат за да се вклопат во друштвото или поради идејата дека така ќе станат попопуларни

Зошто тинејџерите посегнуваат по алкохол?

Во текот на тинејџерските години љубопитството се зголемува, а исто така и желбата да се проба „забранетото“. Многу луѓе вдишале од првата цигара и го испиле првиот алкохолен пијалак токму во средношколските денови. Љубопитноста е сосема нормална, но навлекувањето на овие легални дроги не е. Еве зошто тинејџерите се насочуваат кон неконтролирано консумирање на алкохол:

  • За да се вклопат во друштвото;
  • За да го задоволат своето љубопитство;
  • За да си ја зголемат самодовербата;
  • Тинејџерите за да се опуштат пред да ѝ пријдат да девојка;
  • Тинејџерките за да се опуштат за време на интимни контакти;
  • Затоа што го обожаваат чувството на ефорија и возбуда кои им ги дава алкохолот;
  • Затоа што ги прави да се чувствуваат самостојни и возрасни;
  • Затоа што се на прослава со бесплатен неограничен пристап до алкохол (Нова Година, роденден, матура);
  • За да се истакнат со издржливоста (многу тинејџери сакаат да покажат дека се мажи и пијат неконтролирано; многу тинејџерки се натпреваруваат во пиење со момците);
  • Поради замислата дека ќе ја удават тагата;
  • Поради идејата дека ќе бидат попопуларни;
  • За да имаат изговор за одредена постапка;
  • Поради семејни проблеми;
  • Поради чувство на отфрленост од врсниците;
  • Затоа што редовно ја гледаат таа навика кај своите родители.

Непочитувањето на Законот за забрана на точење алкохол на малолетници од страна на многу кафулиња, дискотеки и кафеани уште повеќе го олеснува пристапот на тинејџерите до алкохол.

Опасности од консумацијата на алкохол во тинејџерските години

Консумацијата на алкохол може да има негативни последици кај кое било лице, независно од неговата возраст. Но, тинејџерите се поранливи од ефектите на алкохолот затоа што имаат послаба самоконтрола, сакаат да експериментираат и немаат доволно искуство за да ги познаваат своите граници. Па, поради тоа и почесто страдаат од своите непромислени постапки. Еве само дел од последиците од неконтролираното пиење алкохол:

  1. Намалена способност за фокусирање и концентрација. Алкохолот ја намалува способноста за фокусирање и концентрација и тоа не само во моментите на консумацијата, туку и во текот на наредниот ден.
  2. Проблеми со памтењето. Консумирањето на алкохолни пијалаци ја нарушува работата на мозокот. Под дејство на алкохол многу луѓе краткотрајно го губат помнењето или имаат „дупки“ во спомените за претходната вечер.
  3. Намалување на успехот на училиште. Тинејџерите кои редовно консумираат алкохол стануваат дефокусирани, ја занемаруваат важноста на доброто образование и најчесто тоа резултира со намален успех.
  4. Прерано започнување со сексуални активности. Под дејство на алкохол тинејџерите се чувствуваат порелаксирани, а истовремено нивниот мозок ја губи способноста за разумно размислување, па често се однесуваат ризично, односно влегуваат во активности кои не би ги направиле додека се во трезна состојба. Многу тинејџерки ја губат невиноста иако не се подготвени за тоа, само затоа што ја изгубиле контролата со алкохолот.
  5. Незаштитен секс. Алкохолот предизвикува многу тинејџери да заборават на заштитата за време на секс. Тинејџерките полесно можат да бидат убедени дека не е потребен кондом и дека ништо лошо не може да се случи. Од друга страна, тинејџерите добиваат поголема самодоверба и сметаат дека можат да се контролираат, а реалноста е дека способноста за контролирање на ејакулацијата е значително намалена поради дејството на алкохолот. Последиците од ваквиот ризичен секс можат да бидат добивање на сексуално пренослива болест или непланирана бременост.
  6. Секс со непознато лице. Неможноста за трезвено размислување неретко е причината за сексуални односи со непознато лице. Можеби во моментите на пијанство, на тинејџерите сексот за една вечер со непознат/а им изгледа како најлуда авантура, но тоа може да предизвика сериозни здравствени последици. Никој не може да биде сигурен што правел непознатиот сексуален партнер претходно.
  7. Промена на голем број сексуални партнери. Голем број на неверства се случуваат затоа што лицето било во алкохолизирана состојба. Освен тоа, полесно е разголувањето пред нов партнер во моментите кога алкохолот влијае на донесувањето на разумни одлуки.
  8. Станување жртва на сексуална злоупотреба. Најчесто девојките се жртви на сексуална злоупотреба. Алкохолот ги отежнува движењата и тинејџерките стануваат немоќни за да се заштитат за време на сексуален напад. Исто така, многу тинејџерки губат свест и дури наредниот ден сфаќаат дека биле сексуално искористени.
  9. Интензивирање на емоционалните проблеми како депресија и анксиозност. Алкохолот е депресант и иако на почетокот предизвикува еуфорија, подоцна лицето може да премине во сосема друга крајност – депресија. Консумацијата на алкохол создава уште поголеми емотивни проблеми и кај лицата кои страдаат од анксиозност.
  10. Склоност кон други опојни супстанции како марихуана, кокаин и хероин. Тинејџерите кои консумираат алкохол полесно можат да подлегнат на притисокот на своите врсници и да започнат со употреба на опојни дроги и психотропни супстанции.
  11. Агресивно однесување. Агресивноста за време на пијанство е поизразена кај тинејџерите. Често слушаме на тепачки во дискотеките по обилна консумација на алкохол, бидејќи во тие моменти е намален стравот и способноста за размислување за последиците.
  12. Конфликти со родителите. Адолесцентите и така имаат нарушени односи со родителите, а кога во целата таа бура од хормони се вклучи и алкохолот, тогаш нештата лесно излегуваат од контрола. Агресивноста се зголемува и вербалните расправии брзо можат да преминат во физички пресметки.
  13. Сообраќајни незгоди. Со полнолетството повеќето тинејџери стекнуваат и дозвола за управување со моторно возило. Но, младите возачи често забораваат дека алкохолот влијае на способноста за реагирање и ориентација, па си дозволуваат да возат под дејство на алкохол. Резултатот може да биде сообраќајна незгода, која може да им наштети ним и на нивните сопатници. Но, и пешаците кои испиле малку повеќе си го зголемуваат ризикот од несакани сообраќајни незгоди.
  14. Труење со алкохол. Неконтролираното консумирање на алкохол во големи количини води до алкохолна интоксикација или труење со алкохол. Симптомите на труење можат да бидат: повраќање, неориентираност, неможност за контролирање на движењата на телото, состојба на бессознание, крвави очи, стаклен поглед и сл. Многу е важно во ваков случај да се реагира соодветно и лицето да биде префрлено во клиника за токсикологија каде што ќе добие стручна помош.
  15. Лоша здравствена состојба и создавање на зависност. На последно место, но не помалку важна е опасноста од долготрајни здравствени последици. Лицата кои консумираат алкохол во големи количини сериозно си го влошуваат здравјето (болести на црниот дроб, рак, срцеви заболувања, оштетувања на мозокот, ментални болести). Последиците се многу поголеми кај тинејџерите, бидејќи во тие години телото сè уште се развива.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.