Почетна » Семејство » Дете » 9 причини зошто треба почесто да им читате книги на своите деца

9 причини зошто треба почесто да им читате книги на своите деца

Кое дете не сака да заспие со приказна? Но, многу родители поради презафатеност го прескокнуваат читањето приказни пред спиење и им дозволуваат на децата во слободното време да се забавуваат гледајќи телевизија, за тие да можат да завршат некои од натрупаните домашни обврски.

Сепак, ниту еден родител не треба да го прескокнува читањето. Еве ги најсилните причини зошто треба редовно да си издвојувате време за да им читате книги на вашите деца:

Мајка и деца
  1. Редовните дружби со книгата од мали нозе водат до доживотна љубов кон пишаниот збор. Воведувајќи ги книгите во секојдневието на вашето дете, вие му всадувате навика за читање која тоа најверојатно ќе ја зачува до крајот на животот. Не е тајна дека децата ги копираат родителите. Не можете да очекувате дека детето ќе се вљуби во книгите ако никогаш не гледа околу себе некој како разлистува книга. Вашето однесување и навиките се пример за него, па потрудете се да го „заразите“ со читањето.
  2. Се зацврстува врската „родител-дете“. Читањето е интимно доживување кое ја прави посилна незаменливата врска помеѓу родителите и децата. Тоа е вистински подарок за зафатените родители кои чувствуваат грижа на совеста зашто сметаат дека не поминуваат доволно време со најсаканите. Читајќи пред спиење, вие му се посветувате целосно на вашето најмило, без вниманието да ви го одвлекуваат странични нешта како мобилен телефон и телевизор.
  3. Се збогатува детскиот вокабулар со нови зборови. Низ книгите се среќаваат зборови кои не ги користиме во секојдневниот говор, па тие го дополнуваат сиромашниот детски речник. Секогаш кога ќе наидете на збор кој сметате дека е нов за вашето дете, запрете со читањето и објаснете го неговото значење.
  4. Расте љубопитството кое „раѓа“ интересни прашања и ја стимулира желбата за учење. Колку пољубопитни се децата, толку повеќе сакаат да учат, а волшебниот свет кој го кријат книгите дефинитивно ја буди фантазијата, како и желбата да се проникне што подлабоко во работите и да се открие нешто ново. Додека читате, сигурно ќе слушнете безброј прашања кои се плод на детскиот ум. Повеќето ќе ви звучат смешни, но одговарајќи на нив, вие му ги проширување знаењата на вашето сакано.
  5. Поголеми се шансите детето да помине низ фазата на школување со високи оценки и да израсне во успешна личност. Читањето е клучна алка во образовниот процес и основа за успех. Истражувањата покажуваат дека децата на кои родителите редовно им читале, постигнуваат поголем успех на училиште. Но, читањето не само што дава предност во училишните денови, туку помага и за нижење успеси на професионален план. „Не сите луѓе кои читаат се лидери, но сите лидери читаат.“
  6. Ви овозможува да го подучувате детето преку примери. Децата можат да извлечат поуки дури и од магичните бајки. Кога се мали, учат да го разликуваат доброто од лошото, а потоа навлегуваат во тајните на меѓучовечките односи. Посочувајќи ги ликовите од книгите и нивните постапки, вие можете да започнувате дискусии на различни теми и преку нив да им пренесувате важни животни лекции на вашите деца.
  7. Концентрацијата се зголемува, а детето учи да слуша додека друг зборува. Со цел да навлезе во приказната, детето максимално се фокусира и внимателно го слуша секој изговорен збор. Тоа му ја подобрува концентрацијата. Освен тоа, додека вие читате наглас, тоа учи и дека треба да молчи и слуша додека некој друг зборува.
  8. Се развива способноста за памтење и креативноста. Трудејќи се да ја разберат приказната, децата „складираат“ во својот мозок многу податоци. Ако една приказна ја читате повеќе пати, ќе забележите дека вашето дете со тек на време ќе ја научи напамет. На тој начин тоа си го подобрува памтењето. Истовремено, навлегувајќи во светот кој го создава пишаниот збор, детето си ја буди фантазијата и станува покреативно.
  9. Полесно се „впиваат“ нови знаења во забавна и опуштена атмосфера. Децата се како „сунѓери“ за нови информации кога им е забавно. Можете да избирате да читате содржини со едукативен карактер, но кои сепак се прилагодени на возраста на вашите најмили. На тој начин ќе им овозможите на децата да ја запознаат планетата од удобниот кревет во својата детска соба. Кога вашето дете ќе го совлада мајчиниот јазик, можете да го запознаете со втор јазик, читајќи лесен материјал од странска литература.

Секој ден издвојувајте барем по 20-ина минути за читање, но не го прекинувајте тој ваш ритуал кога детето ќе започне да оди на училиште. Експертите советуваат да продолжите да му читате во првите години од школувањето. Откако детето ќе научи само да чита, поттикнете го тоа да ви чита вам или да му чита на вашето помало дете.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.