Почетна » Семејство » Дете » 8 грешки на родителите при воспитувањето на тинејџер

8 грешки на родителите при воспитувањето на тинејџер

Децата растат и се менуваат со брзо темпо. Кога вашето дете ќе навлезе во чудниот и возбудлив период наречен адолесценција, настапуваат огромни промени кон кои вие сакале или не, мора да се прилагодите.

Тинејџерските години се најголем предизвик за родителите и нивните методи и стратегии за воспитување. Тогаш престануваат да важат правилата со кои сте го контролирале однесувањето во детските години и се создава неопходност од создавање на нови правила.

Мајка и ќерка тинејџеркаПокажете разбирање и почит кон размислувањата на вашиот тинејџер

Во една хаотична атмосфера кога хормоните го менуваат вашето дете и неговото однесување, лесно е да започнете да правите грешки при воспитувањето кои ќе ви го отежнат поминувањето низ тој бурен период. Еве кои грешки треба да ги избегнете кога вашето дете ќе стане тинејџер:

  1. Не слушате и не покажувате разбирање. Ако сакате почит од вашиот тинејџер, треба и вие да му ја дадете. Разберете, тој веќе не е дете, туку возрасна и многу чувствителна личност. Никогаш не треба да му пријдете со ставот: „Што знаеш ти? Ти си уште дете, треба да ме слушаш мене“. Слушнете што има да каже, за и тој да ви возврати со иста мера.

    Освен тоа, многу родители забораваат на своите тинејџерски години и тргнуваат да го разберат однесувањето на нивното дете од гледна точка на разумна возрасна личност со големо животно искуство. Многу подобро ќе го разберете однесувањето на вашиот тинејџер ако со размислувањето се вратите назад во годините кога вие сте биле на таа возраст.

  2. Ги избегнувате чувствителните теми како секс, алкохол и дрога. Ова една од најголемите грешки. Повеќето родители сакаат да разговараат на овие теми со своите деца, но не знаат како, па решаваат да ги прескокнат. Одложувањето на важните разговори е најлошото решение. Вооружете се со информации и во релаксирана атмосфера започнете да разговарате на темите кои за тинејџерите се во категоријата „табу“.
  3. Секогаш го очекувате најлошото. Некои родители уште во моментот кога ќе ги забележат првите знаци на пубертет започнуваат да се сомневаат во своите деца и во секој момент очекуваат од нив да направат нешто лошо – да започнат на пијат, да пушат и сл. Таквите негативни очекувања не само што не помагаат во воспитувањето, туку и го поттикнуваат лошото однесување. Не треба да започнете со обвинувања дека вашиот тинејџер пуши ако сте забележале дека неговата облека мириса на цигари. Можеби неговиот пријател е виновник за непријатниот мирис. Бидете трпеливи, малку по малку потпрашувајте го за цигарите и дајте му можност да ви се отвори.
  4. Го поштедувате од домашните обврски. Адолесцентите треба да бидат вклучени во извршувањето на домашните обврски, без разлика на полот. Често се случува мајките да ги „штедат“ своите синови и сè да им носат под нос. Но, на таков начин тие не им помагаат, туку пропуштаат да ги научат на одговорност. Дајте му на вашиот тинејџер задача да се грижи за својата соба и за својата облека. Секој треба да има удел во извршувањето на домашните обврски.
  5. Не сте цврсти и постојано ги менувате правилата. Тинејџерите се многу итри и веднаш кога ќе почувствуваат дека има шанси да ве „омекнат“, ќе ги искористат своите способности за манипулирање за да го добијат она што го сакаат. Вие може дури и да не забележите како по петминутни преговори тој/таа ќе ве убеди да му/ѝ дозволите да направи нешто што во други услови би го забраниле.

    Особено е важно и двата родитела да бидат на иста фреквенција. Многу лош сигнал за детето е едниот родител да е попустлив, а другиот строг. Дефинирајте ги со вашиот партнер основните правила за да можете подеднакво да реагирате.

  6. Премногу сте строги и го ограничувате. Навистина треба да се придржувате кон своите правила, но тие правила треба да бидат рационални и не премногу строги. Тинејџерите чии родители се престроги и ги ограничуваат до толку што нивниот живот не наликува на животот на нивните врсници, започнуваат да развиваат чувства на одбивност и лутина. Преголемото ограничување може еден ден да им се врати на родителите како бумеранг, затоа што во првата прилика кога тинејџерот ќе почувствува малку слобода, може да започне да ја злоупотребува.

    Мора да има правила кои подлежат на преговори. На пример, кога вашиот тинејџер е на роденденска забава кај близок пријател и побара да остане еден час подоцна од вообичаеното, нема да погрешите ако му дозволите.

  7. Влегувате во борба за надмоќ. Заканувањето и покажувањето на моќ не се правилни стратегии за воспитување на тинејџер. Во тие години младите не сакаат некој да им наредува што да прават, затоа што почнуваат да ја сакаат својата самостојност и чувствуваат дека не им треба никој за да опстојат. Па, кога тој/таа ќе одбие да ве послуша за нешто, не му/ѝ се заканувајте. Кога ќе започне да се дере од лутина, не започнувајте и вие да го повишувате гласот. Потсетете се дека тинејџерите во себе кријат многу лутина и продолжете го разговорот кога ќе почувствувате дека „лутиот“ бран одминал.
  8. Не покажувате почит кон неговите хобија и интереси. Една од најголемите желби на тинејџерите е да бидат уникатни и никој да не наликува на нив. Затоа, често избираат нестандардни хобија или се облекуваат поекстремно. Ако вашиот тинејџер одненадеж сака да научи да свири на гитара, поддржете го. Ако вашата тинејџерка започне да се облекува нестандардно, не ѝ велете да престане со тоа и да се облекува како другите. Оставете го вашето дете да се изрази и да ја покаже својата креативност. Покажете интерес кон музиката што ја слуша вашиот тинејџер, бидејќи таа е многу важен дел од неговиот живот.

Растењето и воспитувањето на децата, особено во тинејџерските години, бара голема посветеност и желба да се постигне рамнотежа помеѓу покажувањето авторитет и покажувањето љубов. Настојувајте да ја постигнете таа рамнотежа за да создадете атмосфера на отворена и искрена комуникација.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20788 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.