Неодоливо ровки, со мирисни ноти на печени бадеми, споени со овошен мармалад и поросени со тенок слој шеќер во прав... линцер колачињата ќе станат константа во вашиот готварски репертоар.
Слатките „сендвич“ колачиња се класика и претставуваат нов облик на познатата Линцер торта, именувана по австрискиот град Линц. Се подготвуваат едноставно, а се совршен десерт додека се релаксирате со шолја кафе или чај.

За време на велигденските пости, ви нудиме посна верзија, за да се почестите со превкусни колачиња кои пролетно ќе ви ја разубават трпезата.

Состојки
220 гр | маргарин (на собна температура) |
½ шолја | шеќер |
2½ шолји | брашно |
120 грама бадеми | |
1 мала лажичка | екстракт од ванила |
1 мала лажичка | прашок за печиво |
½ лажичка | цимет |
прстофат | сол |
шеќер во прав | |
Витаминка мармалад (јагода, кајсија, праска) со вкус по желба |


Подготовка
- Загрејте ја рерната на 180°C. Ставете ги бадемите во тава и печете ги 8-10 минути, односно додека не почувствувате примамлива арома на печени јатки. Откако ќе оладат, иситнете ги во сецко. Неопходно е смесата да наликува на песок.
- Во длабок сад, изматете го маргаринот со шеќерот и екстрактот од ванила.
- Додајте ги брашното, иситнетите бадеми, циметот, прашокот за печиво и солта. Внимателно матете или месете за сите состојки добро да се соединат.
- Добиеното тесто обликувајте го во форма на диск, обвијте го со најлонска фолија и оставете го во фрижидер најмалку 30 минути.
- Исукајте дел од тестото. Препорачливо е дебелината да биде 3 милиметри. Доколку тестото е лепливо, користете дополнително брашно, а во случај да е суво и премногу да распукува, додајте малку вода.
- Со помош на модли оформете колачиња. На половината од нив, со помала модла, направете им дупка во центарот.
- Наредете ги колачињата врз хартија за печење во тава. За да ја задржат убавата форма, пред да ги печете, ставете ги 15-30 минути во фрижидер.
- Печете ги колачињата околу 10 минути на 180°C додека минимално не поруменат на рабовите. Оставете ги печените колачи да оладат.
- Врз колачите без дупки во средината премачкајте мармалад. Наш избор беа мармаладите од јагода, кајсија и праска на Витаминка.
- Продупчените колачи поросете ги со слој шеќер во прав.
- Спојте ги колачите како сендвичи. Во зависност од големината на модлите, можете да очекувате околу 30-40 колачиња.


