Греено вино

Грееното вино (познато кај нас и како варено вино) е одличен пијалак за да се згреете и расположите во студените есенски и зимски денови. Аромата којашто му ја даваат зачините е карактеристична и примамлива, па тешко можете да му одолеете и да не се напиете уште една голтка.

Греено виноГреено вино

Најчесто се приготвува од црвено вино кое е зачинето со стапчиња цимет, каранфилчиња, ванила, портокал и/или лимон, а за уште подобар вкус се додава и шеќер или мед. Секогаш се служи топло.

Грееното вино е многу популарно низ Европа. Во Германија се нарекува Glühwein, во Франција vin chaud, а во Италија vin brulé. Совршено е за да го изненадите вашето друштво, затоа што не е скапо за приготвување, а освен тоа го исполнува воздухот со пријатен мирис кој никого не остава рамнодушен.

Постојат многу различни рецепти и методи за приготвување на греено вино. Некои луѓе прво го загреваат виното, па потоа ги додаваат зачините. Други, прво го ставаат шеќерот и зачините во мала количина вода и откако ќе повријат заедно неколку минути, го додаваат виното. Трети, пак, ги ставаат сите зачини во газа и заедно со шеќерот ги додаваат во виното, го загреваат виното неколку минути, а пред сервирање ја вадат газата од виното.

Подолу е даден само еден од стотиците рецепти за греено вино. Но, вие можете да го прилагодите според вашиот вкус.

Состојки

1шише црвено вино (пример: 750ml Cabernet Sauvignon)
1портокал
2стапчиња цимет
5каранфилчиња
1дафинов лист (искинат на парчиња)
½морско оревче (изрендано)
1/3 чашашеќер
¼ чашабренди или ликер од портокал (по желба)

Подготовка

  1. Од кората на портокалот исечете 1-2 тенки ленти. Портокалот пресечете го на половина и врз едната половина наредете ги каранфилчињата (прободете ја кората со нив).
  2. Налејте го виното во тенџере и ставете го на тивок оган.
  3. Внатре ставете ја половинката од портокалот со каранфилчињата, лентите од кората, стапчињата цимет, изренданото морско оревче и дафиновиот лист искинат на парчиња. Можете да исцедите и малку сок од преостаната половина од портокалот.
  4. Кога виното ќе се затопли, додајте го шеќерот и мешајте за да се стопи.
  5. Не дозволувајте виното да започне да врие! Ако се појави бела пареа, намалете ја температурата и продолжете да мешате.
  6. Виното може да се грее 10-15 минути, но некои го оставаат на тивок оган подолго време (30-45 минути). Најдобро е да вкусувате по малку во текот на готвењето. Така ќе го тргнете од оган тогаш кога ќе ви изгледа дека е доволно зачинето, а во исто време ќе можете и да додадете некоја состојка плус ако сметате дека не е доволно ароматизирано. Исто така, ќе можете да ставите повеќе шеќер ако сакате виното да е послатко.
  7. Ако користите бренди или ликер од портокал, додајте ги веднаш откако ќе го тргнете виното од оган.
  8. На крајот исцедете го виното и готово е за служење.

Послужете го топло во чаши за вино или шолји кои претходно сте ги прелиле со топла вода. Украсете со портокал исечен на полумесечинки. Често во чашата се додава и стапче цимет за посилна арома.

Совети

  • Не користете скапо вино. Како и во сангријата, така и во овој случај можете да употребите поевтино вино. Зачините ќе му дадат многу пријатна арома и вкус.
  • Не дозволувајте виното да врие, затоа што алкохолот ќе започне да испарува, а зачините може да придобијат горчлив вкус.
  • Доколку сакате посилен пијалак, додајте повеќе бренди или ликер од портокал.
  • Шеќерот може да биде кафеав или за полесно да се стопи може да употребите шеќер во прав. За посилна арома, наместо шеќер ставете мед.
  • По желба можете да додадете ѓумбир, лимон, кора од лимон, ванила или анасон (анис).

Експериментирајте и создајте свој рецепт за да се топлите и да уживате во студените денови што нè очекуваат.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20783 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.