Тинејџерскиот хит „Тин камп“ се закити со награда на 26-тото издание на „Златна бубамара на популарноста“ кое синоќа се одржа во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.
Дел од ѕвездите во ТВ серијата која ги освои тинејџерите ја придружуваа продуцентката Цаци Паковска на сцената и заедно ја подигнаа статуетката за Најдобра тинејџерска серија.
Во име на целата екипа, Паковска одржа краток говор.
„Благодарам Ранко и Радио Бубамара за оваа награда. Во последните 26 години докажавте дека сте единствената институција која ја вреднува и цени работата на сите уметници и креативци во Македонија. Голема благодарност до нашиот ко-продуцент МРТВ, до целата екипа на ‘Тин Камп’, а секако и до овие деца актери коишто се херои на новата генерација. Оваа награда само ќе нè поттикне да работиме да ги надминеме нашите креативни граници, да направиме уште подобра серија за нашите гледачи. Животот е навистина убав, верувајте во себе, затоа што во сè може да успеете. Само идејата е важна“ – истакна Цаци.
Овогодишното издание на манифестацијата се одржа под мотото „Да штедиме, и да не се штедиме“.
Фотографии: Александар Буневски и Кристина Нановиќ / Femina.mk