Џина Роуландс се бори со истата болест која ја имаше нејзиниот лик во популарниот филм „The Notebook“.
94-годишната актерка има Алцхајмерова болест. Оваа вест беше потврдена од нејзиниот син Ник Касаветис, кој е режисер на филмот со Рајан Гослинг и Рејчел МекАдамс снимен по истоимената новела на Николас Спаркс.
Џина ја глумеше постарата верзија на главниот лик Али. Таа страдаше од деменција, па нејзиниот сакан Ноа секојдневно ѝ читаше од нејзиниот дневник за да ѝ ги врати спомените и да ја потсети на него.
„Мајка ми ја играше постарата верзија на Али и поминавме многу време во разговори за Алцхајмеровата болест и сакавме да бидеме автентични, а сега, во изминатите пет години, таа има Алцхајмер. Таа има деменција. Лудо е – го оживеавме тоа, таа го одглуми и сега го има“ – рече Ник.
Алцхајмерова болест е болест од групата на невродегенеративни заболувања. Обично се јавува кај населението над 65 годишна возраст и е одговорна за 60% од дементните заболувања. Карактеристично е прогресивно влошување на когнитивните функции, со намалена способност за извршување на дневните активности, промени на расположението и карактерот и невропсихолошки симптоми. Не постои лек за оваа болест.
*Според Американскиот национален институт за стареење, постојат седум предупредувачки знаци на болеста:
- Повторување на едни исти прашања.
- Повторување на една иста приказна.
- Заболениот не знае да извршува одредени секојдневни активности пр. готвење, играње карти, ракување со далечински управувач.
- Заболениот не знае да раководи со пари, сметки, префрлања и сл.
- Заболениот не може да најде одредени предмети или ги сместува на невообичаени места и мисли дека други лица ги преместиле истите.
- Запоставување на сопствениот надворешен изглед.
- Болниот одговара на прашања со поставување на истото прашање кое му е упатено нему.
*Извор: Wikipedia