Шенон Доерти беше почестена со Награда за храброст од страна на Американското здружение за рак (American Cancer Society). На 45-годишната актерка ѝ беше врачена оваа награда поради нејзината смелост отворено да зборува и да споделува детали од својата тешка и исцрпувачка борба со рак на дојка.
Ѕвездата од „Беверли Хилс 90210“ присуствуваше на гала вечер во Лос Анџелес каде ја прими почесната награда. На свеченоста, Доерти ја доби поддршката од својот сопруг Курт Исвариенко и пријателките Сара Мишел Гелар и Челзи Хендлер.


„Во последната година и половина, ракот ми беше учител. Ме научи како навистина изгледаат љубовта, силата, пријателството и поддршката. Јас не сум ништо друго освен ранлива, а за мене ранливоста е храброст.“
Храброста не ти доаѓа веднаш. Храброста е нешто кое го стекнуваш и кое расте. Храброста е соочување со секој ден и со секоја препрека, чекор по чекор. Храброста е знаење дека стравот нема да пронајде решение, нема да ти помогне да пронајдеш лек.“
Храброста е прифаќање на ситуацијата низ која минуваш и обид да пројдеш низ неа со што повеќе достоинство, додека истовремено ги прифаќаш околностите и си дозволуваш себеси да чувствуваш сè“ – изјавила Шенон на галата.







Шенон сподели и дека денот на доделувањето на наградата се поклопувал со шестгодишнината од смртта на нејзиниот татко. „Тој исто така имаше свои здравствени проблеми и го гледав како се соочува со животот со радост и љубов. Тоа ме инспирира да сакам да бидам како него колку што е можно повеќе. Па, сакам да ја примам оваа награда не за мене, ја прифаќам наградата во име на сите татковци кои ги научиле своите деца да бидат храбри и во име на секој пациент кој боледува од рак, бидејќи е потребна многу голема храброст“ – додала Доерти во својот говор.


Неодамна Сара Мишел Гелар сподели фотографија со Доерти и во описот напиша: „Отсекогаш велев дека таа е една од најлојалните пријатели кои ги познавам и сега кога таа се соочува со најтешкото патување во нејзиниот живот, таа го споделува со пријатели кои ги нема ни запознаено, со надеж дека ќе им помогне на други луѓе кои минуваат низ истата битка.“
