Талентирана, непосредна, шармантна и сентиментална... Јелена Томашевиќ дефинитивно е обожавана од македонската публика. Доказ за тоа е што нејзиниот концерт во рамките на Фестивалот на музика од светот во Битола беше распродаден за само неколку часа. А оние што си обезбедија билет, си заминаа со насмевки на лицата и затоплени срца.
36-годишната Србинка редеше хитови во преполната сала во Центарот на култура. „Живот у коферима“, „Кошава“, „Океани“ и „Јутро“ беа дел од репертоарот на балканската ѕвезда.
За време на престојот во Македонија, Јелена го посети Крушево и спомен-куќата на Тоше Проески, а во текот на концертот во Градот на конзулите, се потсети на непреболениот македонски ангел.
„Ние се запознавме кога победив со песната ‘Јутро’ на Беовизија. Така започна тоа познанство. Тој ми честита за песната. А за жал, откако сето тоа се случи, неговото семејство ми кажа дека има снимка од ‘Јутро’ во негова изведба и јас би сакала да слушнам како тоа звучи“ – рече таа и изрази желба да биде снимена нова верзија од песната со гласот на Тоше.
Томашевиќ се наврати и на македонските бисери и ги отпеа „Бело лице љубам јас“ и „Јовано, Јованке“, а ги распеа домаќините со „Битола, мој роден крај“.
ВИДЕО
Вчера беше отворањето на Фестивалот со концертот на финската хармоникашка Хели Сиекинен.
Фото: Ивона Кочов / Femina.mk