Шведската принцеза Меделин се омажи за њујоршкиот банкар Кристофер О’Нил на раскошна свадбена церемонија одржана во Стокхолм.
Убавата невеста носеше венчаница со чипкаст горен дел, дизајнирана од самиот Валентино Гаравани.
„Таа е прекрасна девојка. Таа е модерна, забавна, полна со енергија и ентузијазам и многу е убава“ – изјавил врвниот креатор.
Младоженецот се обидуваше да ги задржи солзите додека Меделин чекореше кон олтарот со својот татко, кралот Карл XVI Густаф. Околу 600 гости беа сведоци на склучувањето на бракот.
Меделин е најмалата од трите деца на кралот Карл и кралицата Силвија и е четврта на листата за наследство на престолот.
30-годишната Меделин и 38-годишниот Кристофер се запознале во 2010 година во Њујорк, а свршувачката ја објавија во октомври минатата година.
„Го ценам Крис поради неговата срдечност и неговата смисла за хумор. Тој има големо срце и успева да направи секој да се чувствува пријатно во негово друштво“ – изјавила Меделин.
По свршувачката, и Кристофер отворено зборувал за љубовта кон Меделин. „Цело време бев сигурен дека Меделин е личноста со која сакам да стапам во брак“ – рекол тој.
Младенците ќе продолжат да живеат во Њујорк, каде принцезата работи во детска хуманитарна организација основана од нејзината мајка, кралицата Силвија.