Ева Лонгорија е активна на многу полиња – непрекинато се занимава со хуманитарна работа, наскоро ќе промовира неколку нови филмови, има важна улога зад камерите на снимањето на новата серија „Devious Maids“, а минатата година ги заврши магистерските студии и беше дел од кампањата на Барак Обама.
Познатата „очајна домаќинка“ е ѕвездата од новите изданија на списанијата „Prestige“ и „Ocean Drive“.
Во интервју за „Ocean Drive“, 38-годишната актерка потврдила дека е многу среќна во врската со 45-годишниот милионер Хозе Антонио Бастон, но дека засега не планира да има деца. „Имањето деца не е на видик, па не размислувам за тоа“ – рекла таа.
И покрај тоа што води динамичен живот, Ева вели дека секогаш пронаоѓа време за сè. „Имате многу повеќе време отколку што си мислите. Сите си велат: Немам доволно време. Но, има многу време кое залудно се троши во денот. Секогаш го користам времето додека сум во автомобил, го користам времето додека патувам со авион за да читам или да одговорам на мејлови. Секогаш го користам секој час од 24-часовниот ден“ – изјавила таа за „Prestige“.
„Frontera“, „Any Day“ и „Visions“ се три нови филма на Ева кои треба да ја доживеат својата премиера годинава. „Visions“ е хорор филм, што е новост за неа. „Тоа дефинитивно е страшен филм. Никогаш досега немав снимено страшен филм и не сум обожавателка на страшни филмови. Не можев ни да го дочитам сценариото. Но, тоа беше добра можност за да работам со некои одлични луѓе и си помислив: зошто да не? Ќе биде забавно“ – изјавила таа.
Лонгорија има и продуцентска компанија која веќе има успешен проект – серијата „Devious Maids“, а планира да лансира уште неколку други шоуа. Сепак, засега Лонгорија не планира да се вклучи во некое од нив како актерка. „Но, дефинитивно ќе се вратам на телевизија. Ја сакам телевизијата како медиум. Сакам да одам на работа на истото место секој ден. Обожавам да се внесувам во ликовите. Навистина ми недостига Габи (од „Очајни домаќинки“). Навистина ми недостига семејството кое го оформивме во тие осум години“ – рекла таа.