Анџелина Џоли со својата 9-годишна ќерка Шајло беше во хуманитарна посета на Турција и Либан, по повод Светскиот ден на бегалците (20 јуни).
Во улога на амбасадор на канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), 40-годишната актерка ги посети сириските бегалци и го сврти светското внимание кон милионите лица кои биле принудени да ги напуштат своите домови.
Холивудската ѕвезда ја опиша глобалната криза со бегалците како „експлозија на човечко страдање“ со кое меѓународната заедница одбива да се соочи.
Џоли и Шајло посетија камп за бегалци во Либан. Малата ќерка на Џоли и Пит имаше можност да се запознае со Хала, 12-годишно девојче со кое Анџелина се запозна минатата година.


„Шајло е свесна дека ми се многу драги семејствата-бегалци и многу години бараше да дојде со мене на мисии и да ги запознае. Таа слушна за Хала по мојата претходна посета на Либан и чекаше да се запознае со неа и со нејзините браќа и сестри. Прекрасно беше што тие имаа можност да се сретнат, да си поиграат заедно и да шират пријателства. Има многу деца-бегалци. Често ги слушам како велат дека не ги боли најмногу тоа што ги изгубиле своите домови, туку тоа што ги изгубиле своите пријатели“ – изјавила Џоли.
Хала избегала од Сирија со своите браќа и сестра откако била убиена нивната мајка.
Во изјавата на Џоли по повод Светскиот ден на бегалците се вели: „Тука сме поради едноставна причина: Регионов е епицентар на глобална криза. Речиси 60 милиони луѓе се разместени од своите домови. Тоа е едно на секои 122 лица на нашата планета. Нашиот свет никогаш не бил побогат или поздрав или понапреден. Сепак, никогаш претходно немало толку луѓе иселени и лишени од нивните основни човекови права... Најголемиот извор на овие масивни потоци од бегалци е Сирија. Во период од 4 години Турција стана земјата со најголем број на бегалци во светот, со 1,8 милиони Сиријци и Ирачани. Либан, каде што бев вчера, е домаќин на најголем број на бегалци во однос на населението – секое четврто лице во Либан сега е Сириец-бегалец.“
„Луѓето немаат каде да бегаат. Ако си Ирачанец или Сириец кој бега од насилство, каде би одел? Ова не се економски мигранти кои бараат подобар живот, овие се очајни луѓе кои бегаат од војна и прогонство.“









За време на посетата на Турција, Џоли оствари средба и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.


Анџелина со години е посветена на хуманитарната работа и најмногу е фокусирана на заштита на бегалците и запирање на сексуалното насилство за време на војна.