Анџелина Џоли повторно се обидува да го привлече вниманието на светската јавност кон сириските бегалци. Во улога на амбасадор на канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), познатата актерка посети камп за бегалци во Либан.
Според податоци од УНХЦР, како резултат на воениот конфликт, 4,8 милиони Сиријци принудно ја напуштиле својата татковина, а дополнителни 6,6 милиони се раселени низ Сирија.
Поројниот дожд не ја спречи холивудската ѕвезда да одржи краток говор пред медиумите.

„Трагично е и срамно што сè уште не сме мрднале од мртва точка... Мојата молба денес е владите низ светот да покажат лидерство, да ја анализираат ситуацијата, да сфатат што нивните држави можат да сторат, на колку бегалци можат да им помогнат и како“ – изјави Џоли.







Џоли повторно се сретна со 13-годишната Хала и нејзиното семејство, со кои се зближи за време на претходните посети на кампот. Хала со своите браќа и сестра си избегала од Сирија откако била убиена нивната мајка како последица на бомбардирање на нивното место на живеење.


