Северџан Бајрам се закити со наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на синоќешната манифестација со која официјално беше отворен Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Наградата му беше доделена од претседателот на Друштвото на филмските работници Игор Иванов-Изи кој изјави: „За 71 година постоење на ДФРМ сме имале различни предизвици, издигнувања и падови, но никогаш не сме се соочиле со ситуација да не може да излеземе и да снимаме. Не само ние, туку и нашите колеги од Европа и најголем дел од светот. И во тоа време додека ние седиме дома и не можеме да снимаме и публиката е дома и има потреба од содржина. Да гледа на своите лаптопи, екрани, таблети, да гледа филм, серија, да гледа аудиовизуелни уметности. Филмска Европа, мудра како и секогаш, во едно вакво време ги зголеми буџетите за филм. Не само што не ги скрати, туку направи и финансиска контрибуција кон локалните, регионалните и националните филмски фондови. Искрено верувам дека освен во успесите кои ги делиме со нашите колеги од Европа, филмските копродукции и културната размена и во овој контекст ќе бидеме дел како што сме сите овие години од европското филмско семејство. И кога зборуваме за Европа и за филмот би спомнал дека нашето најсилно оружје според Бергман е лицето на актерот во крупен план, неговата експресија. Ако некој наш актер, во крупен план е познат за филмска Европа, тој е омилен лик во Франција, Италија, Шпанија, во Јужна Америка, на Балканот – тоа е Северџан Бајрам“.
Во својот говор, Бајрам рече: „Особена чест и задоволство ми е за доделеното признание. Голема благодарност за наградата до моите колеги и колешки кои ме одбраа мене, натуршчик, бидејќи немам завршено Факултет за драмски уметности. Благодарност до Столе Попов кој ме откри и до Емир Кустурица, човекот кој ми ја додели најголемата животна улога и отскочната даска во кариерата“.
Блескавата ѕвезда трета година по ред ја изработува „Божиновски часовници и накит“.
Наградата за прв пат е доделена во 2013 на режисерот и сценаристот Кирил Ценевски, а од пред 3 години „Божиновски часовници и накит“ ја доби честа да ѝ даде форма на наградата достојна на животот и делото на секој од бисерите на македонската кинематографија.
Мразот беше скршен со првото доделување на композиторот Љупчо Костантинов, ѕвездата за првпат блесна, ја доби својата форма, а со тоа и воздбудата во тимот на Божиновски дека учествуваа во создавањето на македонскиот оскар.
Наредната година ѕвездата беше излеана за да го одбележи филмското творештво на Столе Попов од креативниот тимот на „Божиновски часовници и накит“, а оваа година со истата возбуда и страст ја креираа и за годинешниот лауреат Бајрам Северџан.
„Големата ѕвезда е награда за македонската филмска креативност, награда за која сме особено среќни што и дадовме форма и изглед, што ја материјализиравме и искрено се надеваме дека истата ќе биде мотив и инспирација за многу генерации на филмски професионалци, да творат, да создаваат и со тоа да бидат гордост за Македонија“, велат од Божиновски часовници и накит.
Северџан Бајрам (1966, Скопје), е филмски актер-натуршчик со интернационална кариера, познат по филмовите Џипси Меџик (Gypsy Magic, 1997), До Балчак (To the Hilt, 2014) на Столе Попов; Црна мачка, бел мачор (Black Cat, White Cat, 1998) и На млечниот пат (On the Milky Road, 2016) на Емир Кустурица; Како убив светец (How I killed the saint, 2004) на Теона Стругар Митевска; Трето полувреме (The Third Half, 2012) на Дарко Митревски; Случајна сопатничка (Accidental Co-Traveller, 2004) на Среќко Јурдана; краткиот игран филм Железна приказна (Iron Story, 2017) на Златко Калеников; Via Carpatia (2018) на Каспер Бајон и Клара Кочанска (Kasper Bajon, Klara Kochanska)…
Учествувал во долгометражниот документарен филм Книга на рекорди на Шутка (The Shutka Book of Records) на Александар Маниќ, неколку сезони настапуваше во ТВ серијалот со неговиот алтер его Доктор Кољо, како и во 4 сезони од ТВ серијата Преспав.