Почетна » Новости » Шоу-бизнис » „Пораката на нашата песна го засега буквално секој човек“: Интервју со ѕвездите од „Дајте музика“ пред финалето на детската Евровизија

„Пораката на нашата песна го засега буквално секој човек“: Интервју со ѕвездите од „Дајте музика“ пред финалето на детската Евровизија

Енергични, харизматични, распеани и исполнети со ентузијазам да поттикнат промена... Ѕвездите од „Дајте музика“ се на значајна мисија – да ја освојат европската публика и да стимулираат будење на еко-свеста.

Кики (Кристина Мукаетова), Стаси (Анастасија Џабирски), Филип (Филип Поповски) и Миха (Миха Гигов) веќе се во Париз каде утре ќе нè претстават на 19-тото издание на јуниорскиот Евросонг.

Green Forces

Ведрата четворка ќе настапи под реден број 18 со „Green Forces“, песната која веќе е хит не само кај нас, туку и низ цела Европа. Нашите ѕвезди придобија небројни фанови зад границите на нашата држава и се меѓу фаворитите за освојување на првото место.

Гласајте за „Green Forces“ тука: https://vote.junioreurovision.tv/

На само ден пред големото финале, поразговаравме со талентираните тинејџери од кои имаме многу што да научиме.

Green Forces Green Forces

Имате ефектна песна со моќна порака и веќе се приближувате до фантастични 1,6 МИЛИОНИ прегледи на спотот. Сигурно од самиот старт се стремевте кон врвен успех, но дали ве изненади огромниот позитивен фидбек или бевте уверени дека песната ќе допре до голема публика?

КИКИ: Пораката на нашата песна го засега буквално секој човек на планетата Земја. Единственото место кое скоро 8 милијарди жители го нарекуваат ДОМ се наоѓа под закана од природни катaстрофи предизвикани од климатски промени, кои настанале заради неодговорното однесување на неколку генерации луѓе, особено во изминатиот век.

„Green Forces“ не само што е меѓу фаворитите за титулата на детската Евровизија и певлив хит, туку е и директен повик за справување со сериозен проблем – климатските промени. Која е најсилната порака која сакате да ја испратите од Париз?

СТАСИ: Во Париз ќе настапиме со уште 18 земји од Европа, земји со различни култури и со различни менталитети, но заедничко, освен музиката е нашата обврска да се грижиме за планетата Земја. Ние ќе настапиме на најголемата јуниорска сцена во Европа, и сакаме да ја искористиме таа можност да бидеме слушнати.

Green Forces Green Forces

Дискусиите за климатските промени се значително почести помеѓу помладите генерации. Повозрасните некако повеќе „замижуваат“ пред овој глобален проблем. Според вас, што ја поттикнува таа промена во начинот на размислување кај младите за иднината на Земјата?

СТАСИ: Ако глобалната просечна температура на воздухот пораснала за 1,5 степен од 1980 година, за 40 години, кога ние ќе имаме по 53 години, а нема промена и температура продолжи да расте, цели градови, цивилизации и животински видови ќе бидат во опасност од исчезнување. Зелен снег на Антарктикот, тајфуни, урагани, покачување на нивото на морињата – сето тоа е последица на климатските промени.

ФИЛИП: А Македонија не е исклучок! Се сеќавам моите родители ми имаа кажувано како кога тие биле на моја возраст имало многу снег во Скопје. Не е дека сега сезоната се скратила...тоа е поради глобалното затоплување, а нашата земја е една од десетте најзасегнати земји со климатските промени.

МИХА: Рој штетници на Водно, повеќе комарци во Скопје, нов рис во Маврово: сето тоа се должи на климатските промени и глобалното затоплување.

КИКИ: Проблемите се огромни, а решенијата се понекогаш едноставни. Ако седиме и не правиме ништо, ние сме дел од проблемот, но ако направиме нешто корисно, ќе станеме дел од решението. Ние сме генерацијата која мора да направи разлика пред да биде предоцна.

Green Forces Green Forces

Има ли момент или настан кој ви ги ококори очите за влијанието на климатските промени и ве поттикна да бидете силен глас во глобалното движење за „спас“ на планетата?

СТАСИ: Ние всушност учествувавме во изборот на темата за песната на јуниорскиот евросонг. Во првата сезона на „Дајте музика“, Филип отпеа песна со наслов „Има ли воздух“ чиј текст го напиша Игор Џамбазов и таа беше хит со кој настапивме на Златна бубамара на популарноста кога ја добивме наградата за најдобра детска емисија за 2019 година – борејќи се за воздух!

МИХА: А според загаденоста на воздухот, за жал, ние сме лидери! Пред пандемијата, сите носевме маски со филтри за прочистување на воздухот од ПМ честички...

ФИЛИП: Но тие ПМ честички откако ќе се испуштат во воздухот, секако мораат да завршат некаде. Денес се во воздухот. Утре ќе одат во водата или во почвата и ПАК ќе ни се вратат.

КИКИ: Активизмот на Грета Тунберг навистина беше наша голема инспирација!

Green Forces Green Forces

„Размисли, сè зависи од тебе, од тебе и од мене“ – пеете вие... И навистина, секој од нас индивидуално има моќ да придонесе за подобро утре. Која ваша секојдневна навика е насочена кон зачувување на „единственото место кое го нарекуваме дом“?

КИКИ: Некогаш, малите едноставни нешта кои секој може без проблем да ги направи, можат да значат многу за нашата животна околина. Би го споменала фрлањето на ѓубрето каде што му е местото, исклучување на полначот од штекер кога мобилниот ќе се наполни, комплетно исклучување на компјутерот ако не го користиме, гасење на светлата, донирање на облеката која не ни е потребна во контејнерите на Црвениот Крст, делење на транспортот со некој кој оди во ист правец, ако нема можност за пешачење – користење велосипед или друго транспортно средство кое помалку загадува... листата е навистина долга, а решенијата се едноставни.

Деновиве актуелна е забраната за пластичните кеси. Кога би имале моќ веднаш да спроведете една мерка за заштита на околината, која би била таа?

МИХА: За да една кеса се произведе, потребни се 5 секунди, но за да се распадне, треба да поминат 250 години. Користењето на платнена торба е навика која со тек на време секој може да ја стекне. При нашата средба со Министерот за животна средина, г. Насер Нуредини, дури предложивме активностите со пластиката да се однесат чекор понатаму – зошто да не организираме натпревар за собирање на пластични шишиња кои понатаму би биле дадени на рециклирање?

КИКИ: Во нашето семејство, пластичниот отпад има посебно место за собирање уште од кога јас одев во градинка. Но имаме проблем со неговото одлагање. Контејнери за рециклирање нема многу и најчесто отпадот е измешан во нив.

Green Forces

Што би им порачале на вашите врсници, а што на повозрасните, конкретно во нашата држава, во контекст на зачувување на здрава животна средина?

МИХА: Рециклирањето, транспортот и обновлива енергија се трите главни работи кои можат да направат огромна разлика. Да се трудиме да одиме пешки или со точак колку што можеме повеќе, или да користиме јавен транспорт, да намалиме со купување на предмети или облека кои не ни се неопходни. Од работите што ги купувате, обидете се да да рециклирате колку што може повеќе хартија, картони, лименки, стакло, пластика, метал...

КИКИ: Не користете пластични кеси, носете си платнени торби или кошници, не купувајте вода и сокови во пластични шишиња, наполнете си во термоси кои ќе ги користите повеќе пати, не го палете ѓубрето, не користете јаглен, нафта, дрва за горење. Има многу мали работи кои секој од нас може да ги направи, а кои всушност се дел од големата сложувалка.

Green Forces Green Forces

Манифестацијата наближува, возбудата расте. Вие сте навикнати да сте пред камера како дел од екипата на супер популарната серија „Дајте музика“ и тоа е одлична подготовка за претстојниот настап. Сепак, дали имате трема пред изведбата пред големата европска публика?

СТАСИ: Имаме учествувано во 90 епизоди во серијалот „Дајте музика“ кој има издадено 3 музички ЦД-а, каде секој од нас има свој сингл, четворицата имавме заедничка театарска претстава, имавме неколку настапи во живо на разни настани и сето тоа искуство многу придонесе за нас во процесот на подготовки за Јуниорскиот Евросонг.

КИКИ: Ние знаеме дека овој настап е различен од сите кои сме ги имале до сега. Сцената на која ја имавме првата проба, која пак помина одлично, е огромна! Имаше 30 камери, многу, многу светла и сѐ беше различно од она што досега сме го виделе. Оваа година и конкуренцијата на јуниорскиот евросонг е многу силна! Но за сега, мислам дека добро се држиме! Се имаме еден со друг и тоа ни е најважно!

ФИЛИП: А тремата е составен дел од секој наш настап! Но кога ќе добиеме добра енергија од публиката, на која исто возвраќаме, сè е поинаку 😀 Green Forces

„Ова не е само песна, туку химна“; „Енергијата која ми ја пренесоа е многу моќна“; „Песната предизвикува зависност, не можете да се наситите. Ремек-дело!“... Ова се само неколку од коментарите под видеозаписот на „Green Forces“ од лица од различни точки на светот. Што би им порачале на фановите на само денови пред евровизиското финале?

МИХА: Има многу видеа на Јутуб од евровизиски фанови кои дискутираат за нашата песна и коментарите се одлични! Им благодариме на сите за поддршката! Гласајте за нас од 17 декември на интернет страницата на https://vote.junioreurovision.tv/ и се гледаме во недела во 16 часот! ВЕ САКАМЕ!

Green Forces

На сцената во француската метропола, утре ќе ги видиме нашите оптимистички претставници во стајлинзи од Цаци Паковска и модерни костими со потпис на Јована Филиповиќ. Гласајте и навивајте!

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20878 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.