Кики, Анастасија, Филип и Миха самоуверено се качија на сцената на „Златна бубамара на популарноста“ за да примат две освоени статуетки.
Ѕвездите од „Дајте музика“ се закитија со наградите Најпопуларна детска ТВ емисија и Најдобар тинејџерски хит за „Green Forces“, со кој настапија на детската Евровизија во Париз во ноември минатата година.
Популарната четворка за првпат застана на сцената на „Златна бубамара“ во февруари 2020 година. Оттогаш, како што и самите истакнаа, многу работи се сменети. Освен што се пораснати, тие за наградата рекоа:
„Снимивме вкупно 90 епизоди од серијалот, ја претставивме Македонија на јуниорскиот Евросонг борејќи се за планетата Земја, а спремаме и голем спектакуларен концерт на 27ми мај“.
Наградите ги посветија на целиот тим големи и мали од „Дајте музика“, нивната публика која постојано ги следи на програмите на „Македонската Телевизија“ и нивните фанови кои повеќе од 49 милиони пати го посетиле YouTube каналот на „Дајте музика“.
Концертот на „Дајте музика“ ќе се одржи на 27 мај на стадионот на „АРМ“ во Скопје во организација на „Авалон продукција“.
На Instagram, тие им се заблагодарија на организаторите и на нивните фанови:
„Трет пат по ред, две за 2021, ‘Најдобра детска емисија’ и ‘Најдобар тинејџерски хит Green Forces’. Златна бубамара ви благодариме од срце! A сите вас, драги наши ВИ БЛАГОДАРИМЕ од срце и ВЕ САКАМЕЕЕ!! Се гледаме на нашиот концерт на 27-ми мај“ – напишаа на објавата.
ФОТО: Александар Буневски / Femina.mk
Филип Вирановски