Новак Ѓоковиќ ја побарал за жена Јелена Ристиќ. Најдобриот тенисер на светот и неговата девојка се свршиле во Монте Карло пред два дена.

Веста за свршувачката ја потврдила мајката на Новак, Дијана Ѓоковиќ. „Благодарам. Да, се свршија и тоа е сè што можам да ви кажам. Им посакувам многу среќа, не можам ништо повеќе да зборувам во нивно име“ – изјавила таа за српскиот „Пулс“.
Новак и Јелена се во врска веќе осум години. Најдобриот тенисер на светот во многу наврати јавно ја искажуваше љубовта кон својата избраничка. „Љубовта е најголемата движечка сила во мојот живот, таа може да прави чуда“ – изјави тој за време на хуманитарната гала вечера во Лондон, одржана со цел собирање на средства за Фондацијата Новак Ѓоковиќ.

Освен што е најголемиот обожавател на Новак и редовно го бодри за време на неговите натпревари, Јелена е и негов партнер во хуманитарната дејност. Убавата девојка е директорка на Фондацијата „Новак Ѓоковиќ“, која се фокусира на подобрување на животот и едукација на деца од 3 до 7 години.