ИФФК „Браќа Манаки“ и Вип оператор со огромно задоволство истакнуваат дека годинава, покрај многуте најавени гости од сите програмски целини, во Битола доаѓа омилената актерка на режисерите и на публиката, високоценетата, уникатна, автентична, неверојатна Изабел Ипер. Француската актерка е постојано актуелно и добива најголем број понуди за учества на фестивали, што ја прават најголемото име кое досега го обележало Фестивалот „Браќа Манаки“ - Битола.
Со над сто филмски ролји и уште многу други на театарските сцени, претставува една од најбараните актерки на стариот континент, за која се смета дека „може да одигра секаква улога“. Иако е меѓу најангажираните и најталентирани актерки, Изабел Ипер е мошне затворена личност, како и повеќето хероини што ги толкува во филмовите. Не милува да биде интервјуирана и тешко се открива за личните прашања во јавност. Ретко прифаќа да гостува на Фестивали. Нејзиниот дводневен престој на „Браќа Манаки“ ѝ е прво доаѓање на филмски фестивал во регионот.
Поседува импресивна филмографија, играјќи за режисери од врвен ранг и со актерска поддршка на големи брендови на француското и на европското кино. Во нејзиното портфолио се наоѓаат огромен број фасцинантни постигнувања. Таа е единствената која била дури 14 пати номинирана за наградата Сезар и е една од четирите актерки кои двапати ја освоила соодветната награда на Канскиот филмски фестивал. Останатите три се Ванеса Редгрејв, Хелен Мирен, Барбара Херши. Снимала со буквално сите најважни француски режисери од последниве 40 години како Бертран Таверние, Жан-Лук Годар, Патрис Шеро, Клод Шаброл, Франсоа Озон, но и со режисери како Мајкл Чимино (режисерот на Ловец на елени), Џозеф Лоуси (режисерот на Посредникот), Михаел Ханеке (режисерот на Белата панделка).
Изабел Ипер е родена во 1953 година во Париз, како ќерка на индустријалец и учителка по англиски. Кон актерството ја насочила мајка ѝ, така што многу рано станала тинејџерска ѕвезда во родниот град. Го посетувала Версајскиот актерски конзерваториум. Почнала со театар но продолжила со филм, каде има барем 20 антологиски улоги. Како што велат и критичарите, неверојатно е како Изабел Ипер минува од еден лик во друг, со фасцинантна моќ за трансформација. Од филм во филм се чини секогаш е повпечатлива. Улогите ѝ се толку различни меѓу себе, а сепак во нив влегува со таква леснотија. Ипер, која се чини не старее, понекогаш наликува на платно на кое можете да насликате сѐ што ќе замислите.
Веројатно најпрепознатлива улога ѝ е во Пијанистка (Учителка по пијано) од 2001 година на Ханеке во кој ја толкува Ерика Кохут од Виенскиот конзерваториум. Во моментот кога го среќава Валтер Клемер (игран од 21 година помладиот од Ипер актер, Беноа Мажимел), нејзиното однесување станува и повеќе од ексцентрично. Филмот освои бројни награди, но веројатна најголемата беше тоа што многу критичари ја прогласија ролјата на Ипер за најголемата во нејзината кариера.
Гледачите в четврток на 19.09 од 10.30 часот во Големата сала на Центарот за култура, ќе може да го погледнат филмот Дом на Урсула Мајер, во кој главната улога ја толкува Ипер.
Добитничка е на 57 филмски но и друг вид награди, меѓу кои:
- Награда Сезар, филм Церемонија (1996);
- Два пати наградата за најдобра актерка на Канскиот филмски фестивал за филмот Виолета Нозер (1978) и за филмот Пијанистка (2001);
- Два пати највисоката актерска награда на Венецискиот фестивал „Волпи куп“ за Женска работа (1988) и Церемонија (1995);
- Наградата Специјален лав во Венеција за Габриела во 2005;
- Наградата Сребрена мечка на Берлинскиот фестивал за колективна игра во филмот 8 жени од 2002 година;
- Два пати и Европската филмска награда за филмовите 8 жени и Пијанистка;
- Станиславски за исклучителен актерски придонес и практикување на методот Станиславски во 2008 година;
- Високиот француски орден „Легија на честа“ (1999).
Тривија
- Изабел Ипер е мајка на Лолита (родена 1983), Лоренцо (роден 1988), Анжело (роден 1997)
- Свири пијано
- Во 2001 година сними албум со француската рок-ѕвезда Жан Луј Мурат
- Се занимава и со фотографирање
- Висока е точно 160cm
- Била член на жирито на Канскиот филмски фестивал во 1984 година и претседател на истото во 2009 година, кога наградата ја доби Белата панделка на Михаел Ханеке
- Има глумено и во југословенско-француска копродукција на познатиот режисер Александар Петровиќ, односно екранизација на романот Селидби на Милош Црњански
Се гледаме на црвениот тепих, каде актерката ќе се појави на официјалното затворање.
34. издание на „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 14 до 20 септември 2013 година во Битола и ќе биде отворено со премиера на македонскиот филм Соба со пијано на режисерот Игор Иванов. Шпанскиот кинематографер Хосе Луис Алкаин е добитник на „Златната камера 300“ за животно дело во 2013, а француската снимателка Ањес Годар на специјалната награда „Златна камера“ за особен придонес во светската филмска уметност. Жири-комисиите што ќе ги одредат наградите во натпреварувачките програми се во состав од реномирани интернационални личности од светот на културата и уметноста.
Со ИФФК Браќа Манаки и Вип оператор, многу повеќе светлина во Битола и во Македонија.