Почетна » Новости » Шоу-бизнис » Дукоски и Митриќески, македонски претставници во меѓународните жирија на „Браќа Манаки“ 2013

Дукоски и Митриќески, македонски претставници во меѓународните жирија на „Браќа Манаки“ 2013

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ – Битола и Вип оператор ги објавија составите на жири-комисиите што ќе одлучуваат за наградите во натпреварувачките селекции на Фестивалот „Браќа Манаки“. Жирито и на главната програма и на програмата Нови визии е сочинето од потврдени и почитувани имиња од светот на филмот и на уметноста.

Браќа Манаки

За четирите вискоко ценети плакети Камера 300 (златна, сребрена, бронзена, мала) именувани во чест на сподвижниците на македонскиот и на балканскиот филм, браќата Манаки од Битола, и за наградата Нови визии ќе одлучуваат врвни светски кинематографери, режисери, сценаристи, продуценти, но и членови на жирија на големите филмски фестивали, писатели, новинари, критичари, публицисти, универзитетски професори, научни истражувачи.

Претседател на петчленото интернационално жири на главната програма ќе биде шпанскиот кинематографер Хосе Луис Алкаин од Шпанија, снимателска легенда. Претседател на трочленото жири на програмата Нови визии, која е натпреварувачка од 2011 година, ќе биде Антонио Митриќески, македонскиот режисер и професор по филмска и телевизиска режија.

Меѓународно жири

Хосе Луис АЛКАИН

Хосе Луис АЛКАИН

Kинематографер

Шпанија

Претседател на интернационалното жири

Дејан ДУКОВСКИ

Дејан ДУКОВСКИ

Драмски писател и сценарист

Македонија

Роден на 25-ти април, 1965 година во Скопје (поранешна Југославија/Република Македонија). Дипломирал на Одделот за драматургија на ФДУ/Факултет за драмски уметности при Универзитетот Кирил и Методиј во Скопје, под раководство на професорот Горан Стефановски. Учествувал на семинарот „Театарска работилница“ ИРСЕ/ Instituto Regionale Di Studi Europei, во Порденоне, Италија, посветен на новите движења во современиот европски театар. Бил професор на ФДУ, Одделот за филмско и телевизиско сценарио и работел како гостувачки писател во Дојчес Шаушпилхаус во Хамбург. Неговите драми се преведени на англиски, германски и српски јазик и се изведувани низ целиот свет. Ги напишал драмите: БАЛКАНОТ НЕ Е МРТОВ (во рамки на минатогодишната натпреварувачка програма на Браќа Манаки беше прикажан истоимениот филм, режиран од Александар Поповски), БУРЕ БАРУТ (по сценарио на Дуковски во 1998 година направен е филмот со име CABARET BALKAN/ БУРЕ БАРУТА на српски јазик, режиран од Горан Паскаљевиќ, кој доби неколку награди, во Венеција и ЕФА-ФИПРЕСЦИ, Гент, Хаифа, Санта Барбара. На 19-от фестивал Браќа Манаки во 1998 година, кинематограферот Милан Спасиќ ја доби Бронзената Камера 300. Други драми на Дуковски се: ЏИНОТ И СЕДУМТЕ ЏУЏИЊА, БАЛКАНСКИ ВАМПИР, БАЛКАНСКА (исто така снимена како телевизиска драма), МАМЕ МУ ЕБАМ КОЈ ПРВ ПОЧНА и куклената претстава СИЛЈАН ШТРКОТ. Тој е автор и на сценариото за студентскиот дипломски омнибус филм СВЕТЛО СИВО. Неговата најнова театарска драма е ЗБУНЕТИ ГЕРМАНЦИ/ LOST IN SPACE, која постигна голем успех на сцената на Театар Центар во Скопје. Ова е второ негово учество во нашето жири, по првото во 2001 година на 22-от фестивал Браќа Манаки.

Елма ТАТАРАГИЌ

Елма ТАТАРАГИЌ

Селекторка на Главната натпреварувачка програма на Филмскиот фестивал во Сараево

Босна и Херцеговина

Родена во Сараево во 1976 година. Дипломирала драматургија (сценарио и историја на филмот) на Академијата за изведувачки уметности во Сараево. Таа е една од основачките на Филмскиот фестивал во Сараево, каде што сега работи како селекторка на натпреварувачката програма (долгометражни и кратки филмови). Соработувала како сценаристка-продуцентка и уредничка за сценарио во неколку кратки и долгометражни филмови, помеѓу кои најуспешен на светско ниво беше СНЕГ (2008, продуцентка и косценаристка), режиран од Аида Бегиќ. Предава пишување сценарио на Академијата за изведувачки уметности во Сараево од 2002 година и е Генерална секретарка и членка на Асоцијацијата на филмски творци на Босна и Херцеговина, од 2001 година. Ги завршила постдипломските студии и има магистерска титула по филм и литература, присуствувала на межународни семинари и курсеви и била членка на жиријата во неколку филмски фестивали. Ја објавила книгата „Стилистика на пишувањето сценарио“ во 2010 година.

Проф. Д-р Божидар МАНОВ

Проф. Д-р Божидар МАНОВ

Филмски критичар и публицист

Бугарија

Роден во 1947 година, во Софија, Бугарија. Водечки филмски критичар со интернационално реноме, соработник на многу медиуми и филмски списанија во Бугарија. Декан на Факултетот за филм при државната Академија за театарски и филмски уметности во Софија. Професор/лектор на Новиот бугарски универзитет. Член на Државниот филмски одбор, Бугарија (2004 – 2010). Член на одборот на Државниот фонд „Култура“, Бугарија (2005 – 2009). Потпретседател на ФИПРЕСЦИ (Меѓународна федерација на филмски критичари (2001-2005). Член на ФИПРЕСЦИ жирија на фестивали во: Кан, Венеција, Берлин, Сан Себестијан, Карлови Вари, Палм Спрингс, Истанбул, Бусан, Гетеборг, Валадолид, Висбаден, Солун, итн. Многукратен учесник на интернационални конференции, научни симпозиуми и конгреси. Автор на стотици публикации за бугарски и странски печатени медиуми.

Автор на книгите: „Теорија на кино сликата“ (1996); „Дигитална аудиовизуелност“ (2000); „Дигиталниот елемент“ (2003); „Не-фиктивно дете“ (2004); „Фестивалски средби“ (2007); „Филм и други искушенија“ (2008); „Еволуција на сликата на платно“ (2012). Исто така ги превел книгите: „Разговор со Спиноза“ од Гоце Смилевски (водечки македонски писател од помладата генерација) и Сестрата на Зигмунд Фројд (од Гоце Смилевски, 2013), и двата превода од македонски на бугарски.

Амнон ЗАЛЕ

Амнон ЗАЛЕ

Kинематографер

Израел

Еден од најактивните и најбарани израелски кинематографери, од средната генерација. Дипломирал при Беи Зви Школата за изведувачки уметности. Работел како кинематографер на десетици играни филмови, исто така потпишал: документарци, ТВ серии, музички спотови и стотици рекламни спотови. Ова 34 издание на Браќа Манаки е негов кам-бек, по 20 години. Прв пат учествуваше во конкуренцијата во 1993 на четиринаесеттиот Фестивал со филмот „Божествена милост“ (исто така добитник на Наградата Златна леќа, израелска награда за најдобра кинематографија), на режисерот Амос Гутман, со кого претходно, на почетокот на неговата професионална кариера, по завршувањето на студиите, работел како камера оператор на филмот ХЕМО, КРАЛ НА ЕРУСАЛИМ (1986). На овогодинешниот 34ти Фестивал „Браќа Манаки“, учествува со два филма: ПАДОТ НА КАСБАХ (2010, реж. Јарив Хоровиц, во програмата Нови Визии) и со специјален документарен проект УМЕТНОСТ/НАСИЛСТВО (2013, во документарната програма). Од неговата филмографија избираме уште неколку филмови: ПРИКАЗНИ ОД ТЕЛ АВИВ (1992, Реж. Ајелет Меначми, Добитник на наградата „Златна леќа“); ЖЕНИ (1996, Реж. Моше Мизрахи); ВУЛКАНСКА РАСКРСНИЦА (1999, Реж.- прод. Еран Риклис); ИСКУШЕНИЕ (2001, Реж. Еран Риклис); ПИСМА ОД РИШИКЕШ (2003, Реж. Дани Ваксман); ПРОШТЕНИЕ (2006, Реж. Уди Алони); ВИКЕНД ВО ГАЛИЛЕЈА (2008, Реж. Моше Мизрахи); БАЛАДА ЗА РАСПЛАКАНАТА ПРОЛЕТ (2011, Реж. Бени Торати); КИДОН (2012, Реж. Емануел Накаче); ЖУК БАЛИЈА (2013, Реж. Орен Штерн).

Меѓународно жири за програмата „НОВИ ВИЗИИ“

Антонио МИТРИЌЕСКИ

Антонио МИТРИЌЕСКИ

Режисер и професор

Македонија

Претседател

Антонио Митриќески е професор по филмска и телевизиска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Тој има дипломирано режија на Државната школа за театар, филм и телевизија во Лоѓ, Полска. За неговите краткометражни филмови: „Двобој“, „Ден“, „Време“ и „Ехо“ уште за време на студиите има освоено повеќе награди и учествувано на многу фестивали. За долгометражниот документарец „Љубовта на Кочо Топенчаров“ доби „Златен медал“ во Белград, а со двата играни долгометражни филма „Преку езерото“ и „Како лош сон“ беше на голем број фестивали во светот. Основач е на првото приватно претпријатие за производство на филмови „Хоризонт филм“, а автор е и на две збирки поезија: „Патување“ и „Траги“.

Шахла НАХИД

Шахла НАХИД

Новинар и филмски критичар

Франција

Шахла Нахид е доктор по социјална психологија, новинарка и филмска критичарка на Радио Франс интернешенел од 1991 година. Таа има покривано многу национални и интернационални филмски фестивали како филмска критичарка, специјалистка за ирански филм или како член на жирија, меѓу кои Московскиот интернационален фестивал во 1999 година и два пати како член на жирито „Фипресци“ во Кан во 2006 и 2011 година. Таа е уредничка на неделниот радиомагазин за култура насловен „Свилен пат“, кој, главно, е фокусиран на филм.

Андроника МАРТОНОВА

Андроника МАРТОНОВА

Филмска критичарка и професорка

Бугарија

Андроника Мартонова е филмска критичарка и истражувачка на азискиот филм. Таа е професор-соработник, доктор на науки во Бугарската академија – Институт за уметнички студии на одделот за филмска уметност. Како гостин-професор предава на НАТФА – Националната академија за театар и филм и на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Софија, а како фриленсер пишува за „Л Еуропео Бугарија“, месечен магазин за култура, политика и историја. Таа е авторка на повеќе критички и научни публикации. Нејзината книга „Хиероглифи на филмот. Естетики и значења на источноазискиот филм“ доби „Кристална пирамида“. Како член на жири има учествувано на повеќе интернационални фестивали, како што се во Варшава, Бангкок, Бризбејн, Алмати и други.

34. издание на „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 14 до 20 септември 2013 година во Битола и ќе биде отворено со премиера на македонскиот филм „Соба со пијано“ на режисерот Игор Иванов. Шпанскиот кинематографер Хосе Луис Алкаин е добитник на „Златната камера 300“ за животно дело во 2013, а француската снимателка Ањес Годар на специјалната награда „Златна камера“ за особен придонес во светската филмска уметност.

Со ИФФК Браќа Манаки и Вип оператор, многу повеќе светлина во Битола и во Македонија.

Vip

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19072 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.