Со цел да се соберат колку што може повеќе средства за илјадниците жртви од катастрофалниот земјотрес во Хаити, денес ќе се одржи голем хуманитарен спектакл под името „Надеж за Хаити“.
Водители на овој голем спектакл, кој на регионалниот канал MTV ќе се емитува во два часот по полноќ, ќе бидат Џорџ Клуни во Лос Анџелес, Вајклиф Жан во Њујорк и Андерсон Купер во Хаити. Настанот ќе биде прикажуван во живо на MTV.com (8pm ET/PT).
Повеќе од 100 славни личности ќе присуствуваат за да придонесат за хуманитарниот настан. Дел од нив се Бил Клинтон, Бред Пит, Џулија Робертс, Леонардо Ди Каприо, Роберт Патинсон, Том Хенкс, Мерил Стрип, Никол Кидман, Хали Бери, Мет Дејмон, Клинт Иствуд, Мухамед Али и Дензел Вашингтон.
Со свој настап ќе се појават и Бијонсе, Мадона, Вајклиф Жан, Брус Спрингстин, Џенифер Хадсон, Шакира, Стинг, Алиша Кис, Кристина Агилера, Колдплеј, Џастин Тимберлејк, Ријана, Џеј Зи, Боно и многу други.
Специјалната емисија ќе трае два часа и нема да биде прекинувана за реклами. Собраните средства ќе бидат дарени на хуманитарните организации Oxfam America, Partners in Health, Red Cross, UNICEF, United Nations World Food Programme, Yele Haiti Foundation и новоформираната Clinton Bush Haiti Foundation.