Синоќа, во Скопје се одржа промоцијата на биографската книга за македонската легенда Дарко Панчев.
Во присуство на многубројни гости, спортски легенди, новинари и обожаватели од сите генерации, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ беше презентирана долгоочекуваната книга, чиј автор е доајенот на спортското новинарство Зоран Михајлов.
Македонската фудбалска икона ја доби поддршката од сопругата Маја и нивните две ќерки Надица и Марија.
На настанот, Панчев своето обраќање го започна со благодарност кон публиката.
„Мило ми е што во публиката гледам прекрасни луѓе. Им благодарам на играчите од мојата генерација, без нив не би бил тоа што станав. Имав среќа што се погодив во една феноменална генерација, која успеа да се издигне со квалитет, која придонесе (во тие 5-6 години) нашиот народ да се почувствува горд дека Македонецот има квалитет, дека вреди нешто, а тоа сите ние го чувствувавме. Тоа беше еден многу убав период за сите нас во Скопје и во Македонија. Фала им и на моите соиграчи од Кисела Вода, од каде што почнав и со кои публиката почна првпат да нè запознава, и тоа е значаен дел од мојата кариера...“
„Му благодарам на Зоран Михајлов, нашиот доајен на спортското новинарство, кој цел живот го посвети на спортот, што се нафати да ја напише мојата биографија. Со своето искуство срочи книга, која мислам дека ќе ви биде интересна за читање. Можеби ги нема сите анегдоти, но има опфатено многу интересни и значајни моменти. Животот на еден спортист не е едноставен, има многу патувања, тренинзи и напорни моменти, но има и интересни случувања, на кои и денес се сеќаваме. Често се шегуваме со Васил Рингов, да имало некој да нè следи и да пишува за нас додека сме играле, тоа сигурно би било не само бестселер, туку и повеќе од тоа. Имаше убави случки, но и периоди кога не ни одеше, но сето тоа е нормален дел од спортот... Сите важни моменти од кариерата се опфатени тука. Се надевам дека ова дело ќе биде инспирација за младите генерации“ – рече Панчев.