Минатата седмица 12-годишно девојче се породило за време на екскурзија во северниот дел на Холандија.
„Ниту девојчето, ниту нејзиното семејство не знаеле за бременоста и немало никакви надворешни знаци кои укажувале на тоа“ – изјавил претставник на здравствените служби.
Минатиот вторник, додека цел клас бил на екскурзија, едно од девојчињата се пожалило на силни болки во стомакот. За среќа, таму биле присутни учителите кои забележале дека не се работи за обични болки во стомакот и повикале брза помош.
Кога медицинските лица пристигнале, девојчето било точно пред породување, па го однеле во најблиската зграда каде родило здраво женско бебе.
„Замислете да сте 6-то одделение и ова да ѝ се случи на некоја од вашите соученички. Одненадеж таа е млада мајка. Ова не е нешто што го очекувате на таа возраст“ – коментирал претставник на здравствените служби.
Се знае дека девојчето зачнало на 11-годишна возраст. Во Холандија во 2009 година 2600 нови мајки биле на возраст под 20 години, а 71 од нив биле помлади од 16 години.
Сè уште не е познато кој е таткото, а полицијата веќе започнала истрага за утврдување на околностите под кои е зачнато бебето.