Есма Реџепова и Влатко Лозаноски ќе бидат македонски претставници на Евровизија 2013. Македонската радио телевизија ја објави донесената одлука, но не се откриени детали за песната со која нашите музичари ќе се претстават наредната година во Малме, Шведска.
Неочекуваната соработка помеѓу искусната кралица на ромската музика и младиот поп-пејач можеби ќе се покаже како одличен потег за впечатлив настап и добар пласман.
Македонија заедно со уште 38 земји се подготвува за музичкиот натпревар кој ќе се одржи наредната година. Засега своето учество го имаат откажано Босна и Херцегодина, Португалија, Словачка и Турција. Повеќето од нив образложиле дека отстапуваат поради економската криза.
Двете полуфиналиња ќе се одржат на 14 и 16 мај, додека финалето е закажано за 18 мај 2013 година. Домаќин на манифестацијата ќе биде Шведска, по победата на Лорин со „Euphoria“.