Тејлор Свифт го објави спотот за „Blank Space“ во кој главна улога има и моделот Шон О’Прај.
На почетокот на видеото режирано од Џозеф Кан, Тејлор и Шон се во идеална љубовна врска, но потоа љубомората го претвора романтичниот сон во вистински кошмар. Откако ќе дознае дека нејзиниот сакан тајно си разменува пораки со друга девојка, 24-годишната пејачка полудува и започнува одмазднички поход со сечење и палење на облека, уништување на портрет и кршење на автомобил.
Преку текстот на песната и спотот, Свифт го исмејува начинот на којшто медиумите ја претставуваат пред јавноста, поконкретно нејзиниот љубовен живот.
„Blank Space“ е дел од новиот албум на Свифт, „1989“, кој уште во првата недела по објавувањето беше продаден во 1.287.000 примероци. Тоа е албумот со најголема продажба во една недела од 2002 година, кога Еминем продаде 1.322.000 примероци од „The Eminem Show".