Жељко Јоксимовиќ ќе ја претставува Србија на Евровизија 2012 со песната „Није љубав ствар“. Со моќната балада Жељко ја презема тешката задача да го надмине успехот на „Лане моје“ и да си замине како победник од популарниот музички натпревар кој оваа година ќе се одржи во Баку, Азербејџан.
Автор на музиката е самиот Жељко, а текстот го напишале Марина Туцаковиќ и Милош Рогановиќ. Јоксимовиќ изјавил дека при создавањето на мелодијата тргнал со идејата песната да биде емотивна и безвременска и да нема рок елементи. „Synonym“ е насловот на англиската верзија на песната.
Веднаш по објавувањето на баладата, започна да кружи и веста дека песната е плагијат, бидејќи воведната мелодија наликува на почетокот на хитот на Coldplay, „Paradise“. Освен тоа, музиката на „Није љубав ствар“ е споредувана и со мелодијата на „Fairy Tale“ од саундтракот на „Shrek“.