Денес се одржа промоцијата на видеозаписот за песната со која Тијана Дапчевиќ ќе ја претстави Македонија на 59-тото издание на Евровизија.
Спотот за „To The Sky“ е режиран од Мерт Аслани.
Музиката за песната ја подготвија Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, додека Димитров стои и зад аранжманот и продукцијата. Текстот за македонската верзија го напиша Елена Ристеска, додека за англиската верзија „To The Sky“ се погрижија Елена и Дарко, во консултација со Лаура Роска од Романија.
Изборот на песна за Евровизија оваа година се одржува во Копенхаген, Данска од 6 до 10 мај. Македонија настапува во второто полуфинале на 8 мај и ќе го забележи своето 14-то учество на најгледаното музичко шоу на стариот континент.
Исто така, беа објавени и спотови за македонската и српската верзија на песната.