И покрај пандемијата, македонскиот бенд Brass Brothers имаше релативно успешна летна сезона, исполнета со многубројни настапи во земјава.
Момците од Brass Brothers сега се враќаат на македонската музичка сцена со серија од нови музички изданија од нивниот прв музички албум. Овие денови тие ја промовираат нивната нова песна Balkan Mayhem, која во исто време е и носител на истоимениот албум Balkan Mayhem. Новото издание е инструментален експлозивен спој на дувачки инструменти со драменбејс, Балкан бит и џангл стил и одлично ја доловува силната и фуриозна атмосфера од живите изведби на еден од најенергичните македонски бендови.
Повторно музиката ја потпишува Горан Мицевски Кус, додека аранжманот на песната е заедничко дело на Ненад Тодоровски – Todd Haze, Ристе Шандаров и Горан Мицевски Кус.
Огромен придонес во музичката реализација на Balkan Mayhem имаат и долгогодишните музички брас соработници на Brass Brothers: Стефан Тасевски - Соло Алт Саксофон, Иван Трајаноски - Тенор Саксофон, Илија Мицев - Соло Труба, Стефан Илиев - Труба и Александар Нинич – Туба.