Музичката атракција Brass Brothers првата деценија од своето постоење ја заокружува со новата песна „We Are Energy“, која претставува подарок за публиката и најава за истоимениот втор албум.
Нумерата „We Are Energy“ е химната на бендот со мелодија и текст кои најсуштински го вокализираат сето она што момците го носат во себе и го предаваат на сцената. Таа го задржува добро познатиот енергичен музички потпис на бендот, кој дополнет со денс ритамот повторно создава уникатна и интерактивна музичка приказна.
„'We Are Energy' е одличен потсетник дека сите сме поврзани преку енергијата што ја носиме во себе, дека сме дел од нешто поголемо, дека имаме бескраен потенцијал во себе и дека секој од нас може да го промени светот на подобро. А замислете колкава промена можеме да направиме кога ќе ги сплотиме нашите возвишени енергии и ќе ги насочиме кон убави нешта“ – велат момците од бендот.
Музиката и аранжманот на "We Are Energy" е дело на Горан Мицевски Кус, фронтменот и тромбонистот на Brass Brothers.
Brass Brothers е македонски музички бенд формиран пред 10 години, составен од професионални и талентирани музичари: Горан Мицевски Кус (тромбон), Костадин Бетоски (саксофон), Пере Мелов (труба), Јован Мартиновски (Dj) и Ник де Карло (туба). Оваа група е препознатлива по своите експлозивни и динамични живи настапи, кои ја освојуваат публиката и ја прават незаменлив дел од перформансот.
Brass Brothers донесе уникатна автентична енергија на македонската музичка сцена, пред се поради специфичната комбинација од брасс секција и динамичен звук. Зад себе ги имаат авторските нумери како „Време Невреме" на македонски јазик, како и петте музички нумери „Balkan Mayhem", „Winner", „The Spark", „Inseparable" и „Take My Hand" од првиот албум на англиски јазик „Balkan Mayhem".