Франција направи голем чекор во борбата со анорексијата. Долниот дом на францускиот парламент ги одобри мерките кои ќе овозможат казнување на модните агенции и брендовите кои ангажираат преслаби манекенки и веб-страниците кои поттикнуваат анорексија.
Според новиот закон, забрането е да се ангажираат манекенки чиј BMI (Индекс на телесна маса) е понизок од 18 (тежина од 55 килограми на висина од 175 сантиметри). За агенциите и модните куќи кои нема да го почитуваат законот е предвидена парична казна од 75.000 евра и затворска казна од 6 месеца.

Исто така, новиот закон ќе ги забрани таканаречените „про-ана“ веб-страници и форумите кои промовираат анорексија и кои ја поттикнуваат својата публика да одржува премала телесна тежина. За нив ќе следуваат казни од 10.000 евра и 1 година затвор.
Се проценува дека 30.000-40.000 лица во Франција страдаат од анорексија. Од нив 90% се жени, а голем број се на тинејџерска возраст.
Во 2010 година францускиот модел Изабел Каро, кој од 13-годишна возраст страдаше од нарушувања во исхраната, ја сними контроверзната рекламна кампања „No Anorexia“ непосредно пред смртта. Тогаш силно се разгореа дискусиите за изгледот и тежината на манекенките и за ужасот наречен анорексија.

