Медлин Стјуарт, инспиративната девојка со Даунов синдром, продолжува да руши бариери и полека, но сигурно го освојува модниот свет. 18-годишната Австралијка за првпат дефилираше на пистите на Њујоршката недела на модата.
Стјуарт чекореше на модната ревија на брендот „FTL Moda“ во креации од колекцијата пролет/лето 2016.
Целта на Медлин е да ја промени перцепцијата на луѓето за вистинската убавина и таа тренира напорно за да биде прифатена како модел во модната индустрија. „Таа работеше напорно. Лицата со Даунов синдром можат да направат сè. Мислам дека е време луѓето да сфатат дека лицата со Даунов синдром можат да бидат секси и убави. Ние ќе продолжиме да го правиме ова сè дури Меди е среќна. Важно е само тоа што ја прави Меди среќна“ – изјавила нејзината мајка Росана.
„Беше забавно. Се чувствувам прекрасно“ – изјавила Медлин по шоуто.
„Меделин е многу возбудена. Сметам дека е прекрасно што ѝ беше дадена оваа можност“ – вели Росана. „Таа сака да биде во центарот на вниманието и сака луѓето да ја забележуваат“ – додала таа.
Иако светот за првпат се запозна со приказната на Медлин пред неколку месеци, таа континуирано ја зголемува низата договори со модните брендови. Следни модни дестинации на Медлин се Шведска и Русија.