Медлин Стјуарт е незапирлива. Откако си го оствари сонот да стане модел, инспиративната девојка со Даунов синдром си основа сопствен бренд, „21 Reasons Why“.
20-годишната Австралијка ја претстави својата втора колекција на ревија на Њујоршката недела на модата и самата презентираше неколку свои креации.
Медлин привлече огромно внимание откако на пистата се појави со огромен питон околу вратот.
Целта на Медлин е да ја промени перцепцијата на луѓето за вистинската убавина. Но, нејзиниот успех не дојде преку ноќ. Стјуарт отсекогаш имала проблеми со тежината, а со помош на мајка си Росана, таа успеала да намали 18 килограми, што ѝ помогна да стане модел. „Лицата со Даунов синдром можат да направат сè. Дајте им шанса и ќе бидете наградени повеќе одошто некогаш сте очекувале. Мислам дека е време луѓето да сфатат дека лицата со Даунов синдром можат да бидат секси и убави“ – вели нејзината мајка.
За време на модната недела во Големото јаболко, Стјуарт дефилираше и на ревии на други брендови.
Медлин за првпат дефилираше на ревија на Њујоршката недела на модата во 2015 година.