Приказната за Медлин Стјуарт, инспиративна девојка со Даунов синдром, неодамна го обиколи светот. 18-годишната девојка, која цели да ја промени перцепцијата на луѓето за вистинската убавина, стана модел и склучи договор со два модни бренда.
Решителната тинејџерка отсекогаш имала проблеми со тежината, но во изминатава година ослабела 20 килограми со помош на вежбање и здрава исхрана за да се пробие во модниот свет.
Двата модни договори на кои стои потписот на Медлин се доказ дека упорноста секогаш се исплаќа и дека ако нешто посакувате доволно силно, ќе го добиете. Иако понудите за соработка насочени кон Стјуарт биле многу повеќе од две, таа прифатила да соработува само со брендот за спортска облека и облека за жени со облини „Manifesta“, а стана заштитно лице и на „EverMaya“.
„Ако сте како нас, тогаш сте го слушнале името Медлин Стјуарт честопати во изминатите неколку месеци. И ако сте како нас, вие сте неверојатно возбудени за тоа како таа ги менува перцепциите за манекенството“ – пишува на сајтот на брендот „Manifesta“, кој користи цвеќиња наместо броеви за да ги означи големините на облеката.
„Медлин е убава, се чувствува удобно во своја кожа и надмина вистински препреки во животот за да ги оствари своите цели“ – вака брендот „EverMaya“ ја опишува Медлин, која ги презентира нивните дизајнерски чанти.
Мајката на Медлин, Росана, е цврсто убедена дека лицата со Даунов синдром можат да постигнат сè што сакаат. „Луѓето со Даунов синдром можат да направат сè, само со нивно темпо. Дајте им шанса и ќе бидете наградени повеќе одошто некогаш сте очекувале“ – изјавила Росана.