Претседателот Стево Пендаровски и првата дама Елизабета Ѓоргиевска отпатуваа во Рим по повод чествувањето на Свети Кирил и Методиј, а за време на официјалната посета на Ватикан, имаа аудиенција кај Поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата светост Папата Франциск.
Почитувајќи ги строгите протоколи за дрес-кодот, Првата дама носеше црн формален костим со долги ракави и вел со кој се покрива главатa, потпишани од истакнатата креаторка Лидија Георгиева.
Македонската дизајнерка, која континуирано соработува со Ѓоргиевска за специјалните пригоди, подетално го опиша целиот изглед:
Костимот е збогатен со стилизиран вез инспириран од орнаментиката на старословенските ракописи, поточно елемент од Псалтир со последование, коj датира од 16-ти век. Со стремеж за продолжување на традицијата во спој со современ дизајн, врвната естетика и духовен мир кои ги зрачи одбраниот елемент, заедно со комплицираноста на дизајнот на мотивот, значат креативен предизвик, но и огромна почит кон културното наследство.
Како поддршка на локалното производство, повторно се работеше со домашни изведувачи, а за изработка на овој вез е користена компјутерска технологија.
Од посебно значење е и симболиката вметната во везот на велот, во кој е содржана реченицата „Зарем сонцето не нè грее сите“, испишана на глаголица. Ова е референца на настанот во базиликата Санта Марија Маџоре, каде што во IX век папата Адријан Втори ги благословил азбуката и книгите напишани од светите браќа Кирил и Методиј. „Човече, кажи ни како си им ги создал на Словените книгите и ги учиш од нив, што досега никој не измислил, ниту апостолите, ниту римскиот папа“? А ние знаеме само три јазика на кои е достојно во книгите да се слави Бог – еврејски, елински и латински“. Кирил на тоа им одговорил: „ Не врне ли дожд од Бога подеднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишеме воздух сите подеднакво?“.
Лидија Георгиева
На средбата беа истакнати одличните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Светата Столица, кои се темелат на длабоки историски врски, споделени духовни и културни вредности и традиции. Претседателот Пендаровски го реафирмираше интересот за продлабочување на односите со Светата Столица, во сите сфери од заеднички интерес и го истакна значењето на католичката заедница во нашата држава и нејзиниот придонес во нашето општество.
Папата го прими најновиот дрес на македонската фудбалска репрезентација со неговото име испишано на кирилица. Ова е дресот со кој ќе настапат нашите најдобри фудбалери на претстојното Европско првенство.