Црвеното вино е полезно за здравјето. Научниците тврдат дека активна супстанција во црвеното вино може да ги заштити луѓето кои имаат висок ризик од појава на болести на срцето и дијабетес.
Магичната супстанција ресвератрол, која се наоѓа во лушпата на црвеното грозје, го намалува крвниот притисок и нивото на шеќер во крвта.

Тим научници од Холандија го анализирал ефектот на суплементи ресвератрол врз 11 лица со прекумерна телесна тежина. Доброволците примале 150 грама ресвератрол дневно во текот на еден месец, а биле следени множество показатели како крвен притисок, активност на мускулите, нивото на инсулин и холестерол и сл. На крајот од истражувањето, резултатите покажале дека кај учесниците бил намален крвниот притисок и мастите на црниот дроб, а била зголемена чувствителноста на инсулин.
„Ова се многу позитивни вести. За првпат покажавме дека ресвератролот дејствува кај луѓето“ – изјавил Патрик Шрауве, кој го предводел истражувањето спроведено на Универзитетот Мастрихт.
Ресвератролот долги години е мета на истражувања токму поради бенефициите за здравјето. Во 2006 година истражувачи од Харвард објавија дека ресвератролот има способност да го неутрализира лошиот ефект од исхрана богата со масти и дека го намалува ризикот од смрт кај глувците. Лабораториски модели покажале дека оваа супстанција го намалува ризикот од рак и го забавува стареењето.