Ако сакате да наздравите со чаша алкохол, тогаш изберете во неа да има црвено вино. Се смета дека овој пијалок се бори против стареењето, го подобрува здравјето на срцето и ги намалува воспалувањата кои водат до појава на дијабетес тип 2 и мозочен удар.
Научниците веруваат дека сите овие позитивни ефекти на црвеното вино се резултат на супстанцијата ресвератрол која се наоѓа во лушпата на црното грозје.

Истражувачи од Универзитетот Бафало во Њујорк направиле експеримент со цел да го покажат влијанието на ресвератролот врз луѓето. Тие избрале 20 учесници и на половината од нив им давале природен суплемент што содржел 40mg ресвератрол, а на другата половина – идентична таблета којашто не ја содржела оваа супстанција. Учесниците ја примале таблетата еднаш дневно во текот на 6 седмици.
Во текот на првата, третата и последната седмица бил земен примерок крв од учесниците. Анализата на крвта покажала дека ресвератролот ги потиснува молекулите кои предизвикуваат воспалувања во телото, а исто така и супстанциите во крвните садови кои влијаат врз создавањето на инсулин и со тоа го намалува ризикот од појава на дијабетес.
Кај учесниците кои не примале ресвератрол не биле забележани вакви промени.