Подарениот букет цвеќе со години наназад се смета за ефикасен начин за освојување на женското срце. Сега научниците открија дека навистина цвеќињата имаат „романтичен“ ефект врз жените. Тие тврдат дека жените го сметаат еден маж за попривлечен и се посклони да прифатат да излезат со него ако во околината има цвеќиња.
Николас Гуеген, психолог кој ја проучува науката за привлечноста, вели дека поврзаноста на цвеќињата и романсата е толку силна што мажот не мора ни да ги купи цвеќињата, туку доволно е да има букет цвеќе во просторијата каде што се наоѓа жената за да се разнежни нејзиното срце.
Неговиот заклучок се темели на заклучоците од неколку истражувања. Во еден експеримент, на 46 студентки им бил покажан краток филм во кој маж зборувал за себе. Половина од студентките седеле во просторија во која имало 3 вазни со цвеќиња, а другата половина во идентична просторија без цвеќиња.
Студентките кои седеле во просторијата со цвеќиња го оцениле мажот како попривлечен и биле посклони да излезат со него.
Истиот експеримент бил повторен со 122 жени на возраст од 18 до 20 години, кои не биле во врска. Откако ќе го изгледале видеото, тие требало да одат во друга просторија каде им било кажано да почекаат. Во таа соба имало маж кој всушност бил актер, но на сите жени им велел дека учествува во истражувањето. По неколкуминутен разговор за експериментот, тој со истите зборови ги прашувал дали сакаат да излезат со него. И овој експеримент покажал дека жените биле посклони да излезат со мажот ако биле „изложени“ на цвеќиња. Половина од девојките кои го гледале филмот во просторија без цвеќиња прифатиле да излезат со додворувачот, а дури 81% од девојките кои биле во собата со цвеќиња му рекле „да“.
Истражувачите не можат да објаснат зошто цвеќињата го разнежнуваат женското срце. Тие сметаат дека во мозокот се создаваат одредени асоцијации (цвеќиња-романса) кои влијаат врз начинот на којшто се однесуваме. Професорот Ричард Вајсмен има и друго објаснување. „Затоа што цвеќињата изгледаат и мирисаат убаво, тие ни создаваат добро расположение. Ако некој е во добро расположение, поверојатно е тој да биде креативен, дружељубив, дарежлив и да смета некој друг за привлечен“ – објаснил тој.