Моќта им дава на луѓето самодоверба и ги прави посклони да изневерат, вели ново истражување. А тоа важи подеднакво и за мажите и за жените.
Истражување на холандски научници покажало дека моќните жени изневеруваат исто колку и моќните мажи затоа што самодовербата е поголем фактор за неверство отколку што е полот.
Психологот Хорис Ламерс тврди дека жените кои имаат добри работни места се склони кон сексуално неверство колку и мажите. Заедно со неговите колеги, тој спровел онлајн истражување со учество на 1561 мажи и жени од кои 58% немале менаџерска функција, 22% биле надзорници, 14% биле менаџери на средно ниво, а 6% биле дел од врвен менаџмент. Сите тие биле испрашувани за минати афери и за нивната желба да изневеруваат, а исто така било мерено и нивото на нивната самодоверба.
Истражувачите откриле дека најголеми фактори кои влијаеле на склоноста на учесниците да изневерат биле самодовербата и моќта.
„Луѓето претпоставуваат дека моќните мажи се посклони да изневерат. Ние откривме дека меѓу моќните луѓе, полот не игра никаква улога во неверствата од минатото и желбата за изневера“ – изјавил Ламерс.