Според најновото истражување, кога станува збор за сексуалната привлечност, мажите треба да бидат загрижени за должината на домалиот прст на раката, а не за должината на друг дел од телото.
Истражување на швајцарски, британски и француски научници покажало дека мажите кај кои домалиот прст е подолг од показалецот се попривлечни за жените.
Камил Фердензи, истражувач од Универзитетот во Женева, изјавила дека основната цел на истражувањето била да се утврди што ги прави мажите привлечни за жените. На 80 жени на возраст од 18 до 40 години им била дадена задача преку фотографии да ја оценат привлечноста и мажественоста на 49 мажи. Подоцна биле направени слични експерименти во кои жените ја оценувале привлечноста на мажите откако ќе го слушнеле нивниот глас и откако ќе ја помирисале нивната пот.
Резултатите покажале дека мажите чиј домал прст е подолг од нивниот показалец биле оценети како попривлечни и биле сметани како добар избор и за долга врска и за кратка љубовна авантура.
Научниците објасниле дека соодносот помеѓу должината на домалиот прст и должината на показалецот сигнализира на колкаво ниво тестостерон бил изложен мажот уште кога бил во утробата на мајката и сметаат дека тоа влијае на симетричноста на лицето. Научниците укажуваат и на фактот дека тој ефект е поизразен на десната рака.